Skip to content

Поезијата секогаш победува – Гордана Каракашевска

  • by

(Есеј по повод 60 години Струшки вечери на поезијата)

Краток историјат на СВП

Идејата да се организира една традиционална манифестација со фестивалски карактер која ќе се одржува во Струга како смотра на поетските остварувања во текот на ед-на година се родила на литературното читање на група истакнати македонски писатели на свечениот дел од јубилејот одржан во Струга на 15 јули 1961 година по повод излегувањето на Зборникот на браќата Миладиновци. Наредната година бил формиран пр-виот фестивалски одбор од 7 членови, составен од претставници на Друштвото на писателите на Македонија чиј претседател бил истакнатиот поет Блаже Конески и била и-зготвена програма распределена во четири вечери.

Од година во година бројот на уче-сниците на СВП се зголемувал. Во 1964 година учество зеле поети од сите републики на поранешна Југославија, а веќе наредната година фестивалот ги преминал границите и попримил карактер на меѓународна поетска манифестација. Струшките вечери на поезијата доживеаја брз растеж и за кусо време станаа единствена меѓународна манифестација од ваков вид на светско ниво. Тие претставуваат мост меѓу литературните меридијани на светот каде секоја година одекнува поетскиот збор.

Што претставуваат Струшките вечери на поезијата?

Струшките вечери на поезијата се вистински празник за градот Струга и за љубителите на поезијата. Тие се значаен културен настан во светот на литературата, манифестација низ која може да се види и дознае што се случува во светот на поезијата и на тој начин ја пропагираат поезијата и нејзините вредности. На светско ниво непроценливо е значењето на Струшките вешери на поезијата, таа земја без граници.

Од година во година Струшките вечери на поезијата ги следи актуелните книжевни текови и претставува своевиден филтер на најквалитетното од светската поезија. Струшките вечери на поезијата секоја година го доделуваат меѓународното признание, наградата „Златен венец“ на едно истакнато поетско име од светот. Досега оваа награда ја имаат добиено за целокупен поетски опус меѓу другите: ЕуџениоМонтале(Италија), Пабло Неруда (Чиле), Мирослав Крлежа (Хрватска), Блаже Конески (Македонија), Андреј Вознесенски (Русија), Ален Гинзберг (САД), Десанка Максимовиќ (Југославија), Јосип Бродски (САД), Тед Хјуз (Велика Британија).

За најдобра поетска книга на македонски автор, објавена меѓу два фестивали, се доделува Струшката поетска награда „Браќа Миладиновци“ како внимание кон вредноста на авторите во ризницата на современата македонска поезија. Добитници се, меѓу другите: Матеја Матевски, Анте Поповски, Петре М. Андреевски, Блаже Конески, Ацо Шопов, Славко Јаневски, Лилјана Дирјан, Катица Ќулавкова, Светлана Христова – Јоциќ, Славе Ѓорго Димоски.

За најдобра поетска збирка од поет – дебитант од светот по пат на меѓународен конкурс се доделува наградата „Мостови на Струга“. Во 2012 година е воспоставена наградата Енхалон како награда за најдобра песна од млад автор од Македонија прочитана на фестивалот.

Меѓународниот поетски митинг „Мостови“ и награда „Злаетн венец“

Струшките вечери на поезијата секоја година објавуваат репрезентативна книга поезија од добитникот на наградата „Златен венец“ на оригинален јазик и преведена на македонски јазик. Една од најспектакуларните приредби на Струшките вечери на поезијата е меѓународниот поетски митинг „Мостови“ кој се одржува на мостот на поезијата на реката Црн Дрим на истекот од Охридското езеро пред многубројни љубители на поезијата каде се доделува и наградата „Златен венец“ на наградениот лауреат.

При Струшките вечери на поезијата постои Меѓународна поетска библиотека со книги од сите досегашни учесници со нивна посвета за библиотеката чиј фонд секоја година се зголемува. Формиран е Поетски архив со песни – манускрипти од учесни-ците и документација од сите настапи на манифестацијата. Создаден е и Парк на по-езијата во кој секој добитник на „Златен венец“ засадува дрвце. Во последниве десетина години присуствував на отворањето и затварањето на фестивалот. Јас, како и многубројните присутни љубители на поезијата, присуствував со уживање на поетските читања на големите поети кои нивната поезија ја читаат на нивниот мајчин јазик. На крај се прославува со спектакуларен, голем огномет.

Лауреат годинава и добитници на награди

Лауреат на годинашната манифестација е Керол Ен Дафи, поетеса од Велика Британија, авторка на педесетина книги и добитничка на значајни книжевни награди и високи одликувања.

За поетската книга „Гранична состојба“ македонската поетеса Лидија Димковска е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска збирка помеѓу два фестивали.

Наградата за дебитантска поетска книга доделена во соработка со УНЕСКО „Мосто-ви на Струга“ му припадна на Владан Кречковиќ, роден во Белград во 1988 година за книгата „Париз, Тексас“.

Предвидени се меморијални чествувања на доајените на македонската поезија Анте Поповски и Богомил Ѓузел и промоција на монографското издание „Избор од поезијата и кратката проза од „Блаже Конески“ како дек од Националната програма со која се од-бележуват 100 години од раѓањето на великанот на македонската култура.

Оваа година Струшките вечери на поезијата ќе се одржат во услови на пандемија на крајот од август со физичко присуство на домашните поети, а поканетите учесници од странство, заради ризикот од ширење на вирусот, ќе бидат претставени преку видео чи-тања. Физичкото присуство на публиката ќе биде ограничено но, почнувајќи од мина-тогодишното издание, фестивалот целосно се пренесува во живо на официјалниот Youtube канал на Струшките вечери на поезијата.

Во услови кога заради пандемијата со КОВИД – 19 голем дел од светските поетски фестивали се одложени, Струшките вечери на поезијата испраќаат порака за моќта на поезијата да го обедини светот и порачуваат дека поезијата секогаш победува.

Гордана Каракашевска

16 август 2021 година, Скопје

Напишете коментар