Skip to content

Живот ради реда – А. Лефкоска

Гнили ви се темелите,
Куќата и корените,
Велиш – пишувај за нас,
Да видат што е верба,
Ќе пишувам – велам,
Ама да видат како не треба.

Не се љуби ради реда бе луѓе,
Не се доносува таа клетва,
Не се раѓаат ко хандзапласти деца.

Срца не се каменат,
Сакање не дава зад затворени врати две постели,
Планирани допири не можат љубов да заменат,
Исто ко што пелин не може јорговани.

Душа се пепели,
Душа гори,
Душа сака да се истури,
Ко пиво испиено по утакмици,
Ко вино низ солзи,
Ко пијан по земји што за живот збори.

И тој што умее да твори
и да го лажете ќе ви види в очи,
Сѐ она што нејќете да кажете.

Тоа колнење и преколнување,
Тоа: Господ никому ко тебе да не дае,
Тоа: Цркни па да се спасам,
Тоа: На стари години да се оставам?

Горчини и жалења илјада и триста,
Па в парк од каршија љубовта вистинска,
Па каење на столица карши вода бистра,
Ќутење однадвор, а внатре урла срце и писка:

Камо ум да имав,
Камо храброст да останеше,
Камо таа зима инает да не се тераше,
Гордост да не се слушаше,
Децата сега со мое име ќе ги викаше,
Душа од среќа, а не од тага ќе плачеше.

Велиш – пишувај,
За што брате?
За што сестро?
За тоа како поважно ви беше да се заќутат в село
наместо да лаат в прашина?
Да пишувам за тоа како в лага живеете
Зошто храброст немавте за вистина?

Гнили ви се темелите,
Куќата и корените,
Гнили ви се и душите
со “ради реда” што ги раните.

Напишете коментар