Ја палам цигарата од свеќите на тортата, околу мене правнуци со децата. Лани прекинав да зборувам ама сѐ уште сум тука. Тука и благодарна за сѐ што низ веков сум поминала. И солзи и болки и падови и подеми: лузни и горештини.
Не беше лесно, нема да лажам. Губев пријатели и фамилија, ама колку што ги губев на едно место, на друго дупло ги добивав. Не, не се каам, понекогаш ми фали таа стара “дома” ама никогаш тоа не ми беше конечна дестинација.
“Туѓа куќа си.” Велеа и велеа, па на крај изградив сопствена.
Низ веков мој љубев и се опекував. Ми го кршеа срцето и лепеа. Едни идеа со секира в рака, други со лепаци и хандзапласти. Па, на крај се најде и вистинското. На моето “Срцето ми е попара.” Рече “Такво поубаво сака.” И тоа беше тоа. Осум деца се изродија, дупло внуци, дупло правнуци – куќа полна – секогаш весела.
Повлекувам од цигарата – заби уште имам, ако тоа ве интересира. Иста сум си ко што бев на дваесет – само коса бела, по некоја брчка и реума на есен.
Староста? Не е страшна ни малку онака, а ич кога си среќен. Пак би истото да го правиш ако ти се даде шанса да се вратиш.
“Среќен роденден!” Ечи куќата и улицата, потсеќа на една стара, искршена – се прашувам дали е асфалтирана? Или па, уште се собираат езерциња во дупките пред куќата. Се прашувам кај се децата со кои цреши крадевме? Дали уште под стреата од каршија се слуша музика? Дали сега некои други деца искажуваат љубов на фасадата? Дали се смирија конечно морињата или па, уште по некој се бори со морските чудовишта?
Нејсе, дувам. Свеќите се гаснат, брат ми што е до мене ракоплеска иако рацете помалку му се тресат. Љубовта ме прегрнува и сѐ во светот е на место.
Сабајле се мислев дали да умирам, ама не, уште педесет вака ќе ги изгурам.
Прочитајте ја и колумната “Духовите на Дутлок”.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.