Духовите на Дутлок

Сонливото гратче стои во место, а ние одиме исто ко што младоста полека ни изминува, а ние стоиме на патот наш избран и ја попраќаме со спомени. Сѐ уште мирисаат липите на крајот од улицата и сѐ уште се слушаат гласови на некои нови деца заиграни на асфалтот. Старото игралиште го нема, ама ко вчера да беше го памтам графитот од пред десетина години. “Те сакам Ленче.” Испишано со големи црни, подискривени букви и на крајот црвено срце избоено. Во воздухот чинам сѐ уште стојат пцовките извикувани во малото интернет кафе.

Извикани од децата што сега веќе не се деца туку момци остварени. Ги гледам на понекоја си свадба. Чудни ми се со вратоврски. Ги паметам и ќе ги паметам во маици и дресови од нивните омилени тимови. Секогаш фини и културни со најмалото што ко крлеж одеше да му досаѓа на братот и секогаш тука ако треба за нешто да се исправат. Не за џабе велев, кога ќе ме прашаа дека имам десет браќа. Сите различни, нееднакви делови на некоја сложувалка, ама сепак совршено вклопени. Заедно и во неволја и во среќа, секогаш тука.

На другата страна од улицата, сѐ уште стои празна куќата со бела фасада. Сѐ уште дупките во есен се полнат со вода и прават минијатурни езерциња. Сѐ уште диви и питоми мачки се шетаат ко сите  нас да нѐ поседуваат – арогантни ѕверчиња, но сепак без нив не би била толку мила таа улица. Мижејќи можам да ја поминам. Мижејќи можам да ги замислам сите соседи како пружуваат алишта. Некои пијат кафе во малите дворчиња, а оние што веќе физички ги нема на Земјава, собрани во едно кутивче спомени обележано “детство” во главата на една девојка.
Ко времеплов ми летаат мислите низ атмосферата и штом замижам можам да ги чујам гласовите оддалеку како сѐ уште викаат низ улицата:

“Капетане! Капетане! Какво ли е морето?!
-Разбрането.”

Да знаевме тогаш бар, дека морето ќе ни е животот. Ако знаевме, поинаку ли ќе беше? Не верувам. Не сакам ништо да менувам. Сакам само да се сетам на чувството кога немаше болка. Кога немаше компликации. Кога единствена мисла ми беше дали ќе можам да истрчам ако ме најдеа во жмурка поголемите деца. Сакам да се сеќавам само на тие моменти кај што детството ми беше калап што можев да го менувам во која фигура ќе посакам. Сакам бар на неколку секунди повторно да го прашам ‘капетанот’ какво ќе е морето и да заборавам на љубовта што ме издала.

Ама улицата е празна, децата веќе ги нема. Сега се девојки со свои животи, со свои соништа и успеси и не знаат дека некој во позадина секогаш им ракоплеска. Ги среќавам понекогаш, на поминување. Некои патиките ги имаат изменето  со штикли, некои со борбени чизми, некои пак старата улица ја имаат сменето со сцена. Се сеќаваат ли на тие зборови за морето? Имаат ли иста симболика? Не верувам, ама убаво е и малку за назад да се размислува и да се споредат сеќавања и денешната промена. Како и да е, ниедна промена не може да ги избрише сеќавањата за куп деца собрани, развикани и разиграни низ мирисот на старата црешна што освен во ова веќе никаде ја нема.

Сонливото гратче стои во место, а ние одиме исто ко што младоста полека ни изминува, а ние стоиме на патот наш избран и ја попраќаме со спомени, сепак останува утеха во спомените што како филмска лента се премотуваат во главава и ги прикажува од две страни засекогаш останати на таа искршена улица, духовите на веќе одамна пораснатите деца, играјќи криенка.. Пеејќи полека..

“Капетане, капетане, какво ли е морето?
-Разбрането…”

Од “Дневникот на една будала.”

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?