Ти направи нешто што се прави само еднаш

Ти направи нешто што се прави само еднаш.
Ме разбуди.
Од постелите на мракот ме крена.
Ме врати токму од таму од каде што мислев дека нема назад.
Ми го покажа виножитото.
Дека после секој дожд доаѓа сонце ме научи.
Ме разголи пред очите твои,
токму тогаш кога мислев дека тоа нема ниту еден да го стори.
Ми се стркала под прстиве,
ми потона во очиве.
Криците мои знам дека в глава ти одекнуваат
иако никогаш не си ги слушнал.
Јас,
в сон некогаш името ти го изговарам.
И се плашам.
Што ако чуе некој додека бладам?
Што ќе им кажам?
Друг човек што го носи името твое јас не познавам.
Ни ти не знаеш жена со името мое.
Јас и ти ретки сме.
Ретки сме ко што ни се ретки имињата.
А јас,
јас сакам луѓе со чудни имиња
оти почудно од името мое нема.
Можев да носам име на песна,
можев да носам име на римска божица,
можев да носам име на ѕвезда
или на замислена жена од сказните.
Ама ти направи нешто што се прави само еднаш.
Толку убаво го изговараш името мое,
што јас веќе ниту еден друг не сакам да го изговори.
Заради тебе јас почнав да верувам во судбини,
во некои исконски сили над кои немам моќ.
Или можеби јас единствено моќ над себе немам
само тогаш кога сум крај тебе.
Ти направи нешто што се прави само еднаш.
Направи да верувам дека огнот и водата можат да се спојат,
дека денот и ноќта се допираат,
дека сонцето секогаш ја поздравува месечината.
Ти направи нешто што се прави само еднаш.
Мене твоја ме направи
токму тогаш кога мислев дека јас никому нема да припаѓам.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?