Skip to content

Да си тераш девојче по патот

Да си тераш девојче по патот,
со главата малку нагоре крената
и да не ги мислиш ич
тие тебе на ум што не те клаваат.
Да не си ја раздаваш душата секому,
оти парче ќе ти ја направат,
па од неа нема ништо да ти остане.
Така празна ќе шеташ.
Ама на тој пат сигурно ќе го сретнеш него.
Никој не знае како, ниту кога, ниту каде,
ама ќе го сретнеш.
И ќе знаеш дека е тој.
Нешто во тебе ќе ти каже дека тој е.
Оној кому ќе посакаш син да му родиш,
ако претходно си велела дека ти само ќерка сакаш.
Нема да треба да си ја наведнеш главата за да те види.
Оти тој тебе таква ќе те сака.
Пркосна.
Горда.
Средена.
Намирисана.
Наконтена.
Ама и поспана.
И во пижами.
Тој ќе те сака секаква.
Нему ќе сакаш кошулите да му ги испеглаш
за да го личи до тебе,
спастрен да го гледаат дурите.
Оти преку него и тебе ќе те гледаат.
Нему ќе сакаш најубавите јадења да му ги зготвиш,
ако претходно си велела дека од тебе домаќинка не бива.
Ќе сакаш да го прегрнеш тажен ко ќе е.
Ќе го смируваш ко ќе е нервозен.
И мааните ќе му ги сакаш оти негови се.
А тој тебе ќе ти даде мир.
Спокојот со него ќе си го најдеш.
Во рацете негови ќе си сигурна
ко во ниту едни претходно.
И нема ниту ти, ниту тој во други да се загледувате.
Не дека нема поубави од вас,
ами ќе нема некој друг со кој ќе го имате тоа чувство.
Чувство на дом.
Чувство на топла постела во недела на утро.

Напишете коментар