Skip to content

Јубилејни 20 години од премиерата на „Прашина“ од Милчо Манчевски

Јубилејни 20 години од премиерата на „Прашина“ на отворањето на Венецискиот фестивал во 2001. Вчера се одбележаа со презентација на филмот на три платформи. Македонската радио телевизија го емитуваше во 23 часот. Во 20 часот беше прикажан под отворено небо во дворот на Кинотека каде што на секој посетител му следуваше подарок пакет од три ДВД-ија со филмовите Манчевски „Пред дождот“, „Прашина“ и „Сенки“. На фан страницата на Манчевски на Фејсбук е поставен линк за бесплатен стриминг на филмот.

„Прашина“, првиот и единствен македонски филм кој отворил светски филмски фестивал, на 29 август 2001 го отворил најстариот и најпрестижниот фестивал во светот, Венецискиот.

Кога почнал да се снима филмот?

„Прашина“ почна да се снима во Њујорк во април 2000. Неколку месеци подоцна, снимањето продолжи во Македонија. Екипата работеше прво во околината на Штип (сцените во Оклахома), а потоа во Мариово. Таа есен снимањето продолжи во Германија, а заврши повторно во Мариово.

Првиот ден во Штип продуцентите тргнале да менуваат англиски фунти во денари за дневните потреби на филмот. Според кажувањата на продуцентите, до 10 ч. сите менувачници во градот затвориле затоа што снемале денари.

Македонското Министерство за култура (предвидено од Димитар Димитров, Љубен Пауновски и Илинденка Петрушевска) учествувало во оваа британско-италијанско-германско-шпанско-македонска копродукција со помалку од 5% од буџетот.

Интересни податоци за сценографијата

Дизајнерот Дејвид Манс и сценографската екипа ги изградија сите њујоршки ентериери (станот на Анџела, авионот, болницата) во студио во Келн, Германија. На почетокот на филмот има директен рез меѓу ентериерите снимени во Њујорк и Келн (станот на Анџела).

Во Македонија изградија црква од камен во Штавица, како и бачило и каубојски бордел (Cherry Orchard) кој сега се користи како ресторан.

Каменото црквиче (на чиј надворешен ѕид е пресликан фрескописот од Лешочкиот манастир) се уште стои во Штавица, а пред неколку години се појави и на разгледница.

Видео од вечерта на отворањето на фестивалот

Извор

Напишете коментар