Skip to content

Разговор со Драган Илиевски, професионалец во етичка сајбер безбедност

  • by

Драган Илиевски е ИТ професионалец во етичка сајбер безбедност со 10 годишно искуство во повеќе ИТ области. Како блогер за иновативни технологии на социјалните мрежи, Medium и IT.mk, автор на повеќе иновативни софтверски решенија и алатки. Тој има развиено интерактивна академија. Драган во слободното време се занимава со Ghost music production во областа на Trance и House музиката. Прочитајте го во продолжение разговорот со него.

Кој е Драган, како ќе им се претставиш на читателите на блогот?

– Повеќето познаници би ме опишале како нетипичен nerd, но во приватниот живот сметам дека сум искрена, скромна, креативна и позитивна личност која е амбициозно посветена кон своите кариерни и приватни цели, и најмногу ме прави среќен кога тоа што го правам мотивира млади и квалитетни индивидуи и сметам дека тоа е доволно за почеток. Од професионален аспект сум завршил на ФИКТ и сум продолжил со самостоен фриленс бизнис, а денес сум во приватен сектор, работејќи од дома во Скопје.

Ти си професионалец во етичка сајбер безбедност со 10 годишно искуство во повеќе ИТ области. Што значи да се биде професионалец во тоа поле и како би ја опишал етичката сајбер безбедност на најлаички начин?

– Етичката сајбер-безбедност (Ethical Cyber Security) е комплексна област која во светот зема огромен замав, и како гранка од ИТ оваа наука бара професионалците да имаат огромно разбирање на многу технологии и креативно да ги манипулираат за да најдат слабости, но бара разбирање и на аспекти од човечката социјална психологија и инженерство. Во најкратки зборови, етичкиот хакер во IT би бил тоа што е хирургот во медицина.

Професионалците во оваа област се многу ретки, но многу потребни во бизнисите, затоа што благодарение на овие експерти, бизнисите кои ги нудат своите продукти и ИТ услуги, се соодветно заштитени на повеќе нивоа и како резултат на тоа, клиентите имаат доверба во продуктите што ги користат и нивната приватност е заштитена.

Да се биде професионалец во оваа област пред сѐ значи да се поседува безусловен интегритет како карактерна особина. Освен техничкото познавање и надоградување, да се има способност да се носат тешки одлуки кои би ја заштитиле репутацијата на бизнисот и би го минимизирале ризикот од тоа да биде хакнат или злоупотребен. Приватните информации имаат голема вредност во 21-ви век и ние сме оние кои безусловно ги заштитуваат за приватноста и безбедноста да опстане.

Креираш блог содржини на теми за иновативни технологии на социјалните мрежи, кој е најголемиот предизвик на тоа поле?

– Моментално мојот најголем предизвик сметам дека е пропагирањето на содржината која ја пишувам кон точната целна публика. Моментално имам околу скромни 1200 редовни читатели но да бидам искрен, не сум вложил доволно време во маркетинг и не сум многу редовен во објавувањето на нови постови.

Живееме во 21-ви век и многу од публиката која е заинтересирана да чита за иновација во IT, нема централизирано место каде ќе добие квалитетна, редовна и пред сѐ точна содржина. „Војната на дезинформации“ е секако отежнувачки фактор. Одредени информации секогаш ќе се цензурираат, но интернетот е сѐ уште прекрасно место каде многу слично-мисленици можат да се поврзат и да споделат нешто што ќе го подобри квалитетот на животот.

Кои софтверски решенија си ги создал и може ли накратко да ни кажеш нешто повеќе за нив?

– Низ мојата кариера сум створил различни софтверски решенија и за повеќето сум обврзан со NDA договор за кои не смеам да зборувам заради што ја заштитувам репутацијата и плановите на моите клиенти, но освен таквите, сум направил неколку open-source игри, сум учествувал во неколку натпревари и најлесно би било да ви го споделам моето портфолио каде повеќето се објавени во секцијата на проекти, на следниот линк: https://draganili.con.mk

Што те мотивираше да ја развиеш интерактивната академија (Pentestiverse), кои се нејзините главни цели, кое е мотото на нејзиното постоење?

– Pentestiverse започна како мој скромен side-project и бев мотивиран да го развијам затоа што забележав дека на студентите во нашата држава им недостига место каде можат да учат од искусни кадри и да специјализираат во етичко хакирање, а мојот впечаток за факултетите е дека често пати тие го предаваат основното теоретско знаење кое некогаш е застарено и е различно од реалноста во бизнисот (после излегување од клупа).

Како скромен пионер во оваа област, после првата објавена верзија на Pentestiverse забележав огромен потенцијал и интерес од младата публика која дополнително ми вдахна мотивација за проектот да го продолжам за студентите да можат да ја учат оваа „уметност“ и да станат експерти кои можат да работат на светскиот пазар со предобра плата, дури и од дома.

Студентите во Pentestiverse се групираат во помали групи и имаат избор да учествуваат во 18 различни journeys во кои ќе можат практично да вежбаат во безбедни IT лаборатории, и да се соочат со реални предизвици што се случуваат во бизнисите и добијат практично знаење и меѓу другото и одговорот на прашањето „зошто го правиме тоа и тоа?“.

Предноста на овој бизнис модел е што е рапиден и кандидатот се специјализира само за тоа што сака и не учи непотребни работи, и тоа го прави добар во една конкретна област и како кандидат е многу повеќе баран на пазарот. Би рекол дека мотото e: Learn what matters – nothing more & nothing less (учи го она што е важно, ништо повеќе, ништо помалку). Секако за оние кои се заинтересирани, сѐ е објавено на официјалната веб страна.

Еве како изгледа моменталната работна соба во која Драган ги извршува своите работни обврски.

Кој сѐ треба да биде дел од академијата и што да очекуваат оние што ќе се одлучат да се запишат таму?

– Секој кандидат над 18 години што аплицирал ќе биде контактиран и треба да го положи почетниот тест кој е поставен само за евалуација на квалификациите, за соодветно да му се понуди journey кое е соодветно за неговото искуство. Кандидатите треба да имаат основно познавање на IT и англиски јазик, но освен тоа, секој е добредојден.

Кандидатите кои сакаат да учат од Pentestiverse треба да знаат дека оваа академија е добра затоа што не дозволува секој да ја носи титулата “Етички Хакер” доколку не е заслужена. Квалитетот има секогаш предност пред квантитетот и посветеноста е единствената одлика која може да ве претвори во добар етички хакер. Доколку кандидатите сакаат да си поминат со лесно, сметам дека не треба да ја посетуваат Pentestiverse. Од друга страна, јас сум многу горд и среќен со оние што завршија на курсевите, и ги гледам денес како водат тимови и работат среќни, во озбилни бизниси.

На многумина најверјатно не им е познат терминот “Ghost music production“ или во некој слобеден превод продукција на музика анонимно, и тоа во областа на Trance и House музиката. Може ли да ни го објасниш терминот подетално, пример кои се активностите што ги правиш во продуцирањето?

– Да, ова е друг домеин со кој исто така се занимавам on the side и ќе ми биде мило да објаснам. “Ghost producing” значи дека постои автор кој ја изработува музиката, но тој не ја презентира кон публиката, туку оној кој го откупува проектот. Накратко, доколку некој сака да стане DJ, изведувач или музички продуцент но го нема музичкиот талент или опрема, тој го ангажира ghost продуцентот (во случајот тоа сум јас) и му објаснува што песна сака да направи.

Потоа јас ја изработувам песната целосно во моето студио и кога е готова му ја испраќам а тој ме исплаќа за услугите или ми обезбедува процент од заработката на тоа дело.
Процесот на ghost продукција е многу интересен затоа што е нешто како водење на бизнис каде треба да процените како тоа што клиентот го сака да го преточите во звучна композиција и не секогаш е лесно.

Каква музика сака Драган да слуша во слободно време кога не работи на некој музички проект, а да не е транс и хаус музика?

– Јас воглавно слушам секакви стилови на музика (тоа ми е и професионална деформација) и како најомилен бенд би го истакнал Above & Beyond, но најчесто сакам и да слушам инструменталки, чисто пијано и strings, рок и поп од 90-тите, smooth jazz или нешто што ми прави смирена атмосфера низ денот.

Со кој домашен пејач или пејачка би соработувал, а со кои од странство?

– Веќе имаме издадено неколку авторски песни со Димитар Димитровски, тоа е песната On My Mind која е Trance по природа, а во светскиот пазар најчесто сум соработувал со Christopher Connelly од Канада со кој имаме издадено многу песни, и секако со повеќе вокалисти имаме план да издадеме повеќе песни јавно во иднина и верувам дека нема да престанам со соработки затоа што сето ова што го правиме, го правиме со љубов во секој атом од нашите тела.

Моментално размислувам да ѝ понудам соработка на Антонија Гиговска или Лина Пејовска, затоа што двете сметам дека имаат квалитетен вокал кој е соодветен за следните песни што се изработуваат, и секако сите други вокалисти ги охрабрувам да ми пишат доколку имаат некоја добра идеја на социјалните мрежи или преку каналот RE:MUSIFIED.

Ни спомна дека сакаш да читаш психолошки книги и научна фантастика во слободно време, можеш ли да издвоиш некое дело кое ти оставило најголем впечаток (може и повеќе) и зошто токму тоа/тие дела?

– Уфф, кога би ја започнал оваа тема би траела со саати, но затоа ќе ги истакнам најдобрите книги што сум ги читал и радо би објаснал зошто баш тие сметам дека се најдобри за мене. Прва би била Me, Myself And Us – од Brian R. Little. Дефинитивно би ви ја препорачал да ја читате затоа што ќе ви развие перцепција базирана на емпатија, на објективност и на разбирање на она што е човечко и несовршено, под фасадите на илузија и ќе се запрашате што навистина е битно во животот.

Исто така добри книги има Simon Sinek кој иако не можам да го категоризирам како чиста психологија, тој пишува за тоа како да се биде лидер, како да се мотивира светот да стане подобро место, каде бизнисите функционираат со доверба, а не со контрола. Од Sci-fi литература би ги истакнал класиците на Harry Potter, Lord Of The Rings, Conversations With God, затоа што имаат предобра приказна и презентираат една поинаква реалност што го тера читателот да ги преиспита своите гледишта кон светот.

Каков е спојот на ИТ со музичката продукција, балансираш измеѓу две професии кои навидум немаат допирна точка, во што уживаш повеќе?

– Не би можел да се одлучам во која област уживам повеќе, но знам дека двете се дел од мене и ќе останат дел од мене и немам потреба да одберам една кога можам да уживам во двете. Најверојатно музиката е онаа која ме храни спиритуално додека кариерниот фокус би бил во IT и се надевам дека по време нема да ме умори ништо од тие две.

Во слободно време со што најмногу сакаш да се занимаваш, кога работните обврски се ставени на пауза?

– Би рекол дека сакам да возам велосипед во природа, или да пливам, да ги наполнам батериите во некое мирно и сончево место. Исто така, во слободно време се фокусирам да им бидам тука на фамилијата и пријателите.

Кој е твојот лајтмотив?

– “The sum of all good and all bad things that happened, made me exactly the person that I am today“ (Збирот на сите добри и лоши нешта што ми се случиле ме направија токму оваа личност којашто сум денеска“).

Порака до читателите на Крајбрежје?

– Прво би сакал да се заблагодарам до тимот на Крајбрежје за ова интервју и да им порачам на читателите да уживаат во животот и да ги прават работите кои ги прават среќни, и да ризикуваат и да се борат за тоа што го сакаат по секоја цена.
Инвестирајте го времето во оние кои инвестираат во вас и кои остануваат кога е потешко. И бидете искрени по секоја цена, затоа што тоа ќе ви ги одбере прекрасните луѓе да останат околу вас, а другите ќе ви направат услуга ако си заминат.

Тимот на Крајбрежје на Драган му посакува бројни успеси на приватен и професиoнален план!

Напишете коментар