Поетски дар – А. Лефкоска

Видов ѕвезди зад затворени очи,
претопени во тие илјада ноќи
во кои ја наоѓаше тајната на животот
и пекол в рајот и рајот во пеколот.

Кажи ми, сонуваш ли уште
отворени врати и градини?
Те мачат ли сеќавањата на
тие топли неостварени бакнежи,
или па не мислиш од страв
дека кожата наеднаш ќе ти се наежи?

Грмежи и тантежи слушам в ноќта глува,
живеам, а ти бдеам верно ко ангел чувар,
да не писнеш,
да не плачеш,
да не испокиснеш под тоа облаче
што нон – стоп  го носиш над себе.

Распни ме за сѐ што ќе излезе
и нема да излезе од мене,
за сѐ што ќе те повреди несакајќи
за сѐ што ќе бараш и ќе изгубиш барајќи.

Прости ми,
немам сила јас за директни зборови,
можам само да ти кажам дека ти ги
видов ѕвездите зад тие очи полузаспани,
в темнина обсјаени,
од атоми на магија направени,
па на тебе од поетот подарени,
за да гледаш ама не гледаш
како од тебе на хартија
уметност чиста извира.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!