Skip to content

Вања Изова-Велева – Патник

Вања Изова Велева е македонска поетеса,  родена во Струмица на денешен ден во 1972 година. Вања Изова Велева е член на Друштвото на писателите на Македонија од 1995 година, член на интернационалното друштво на поети, член на претседателството на ДПМ 2000-2002 и 2002-2004 година, член на жири комисијата за наградата „Ацо Шопов“ во 2006 и 2008, и член на жири комисијата за наградата „Ацо Караманов“.

Прочитајте ја нејзината песна „Патник“ .

Патник

Јас сум патник со куфер полн чад
го носам како куќарка за да ми го чува домот.
Одвреме-навреме го отворам
за да ги видам пријателите пакувани уредно под
конец

Патник сум со куфер полн црвен чад
ги разнесувам спомените и очекувањата
секаде по малку и оставам фенери
да не изгасне сеќавањето
да не исчезне споменот.
Патник сум во место
заглавен во минатото
изморен од зборот
растрчан по мислата.
Куферот ми го голта чадот
и ја чисти внатрешноста
за да видам подобро
за да спознаам полесно
Мојата куќарка е голема
со порта ширум отворена и окно притаено
добродојдени се и непоканетите
поканети се и оние без куфер.

Напишете коментар