Одмор – Гого Ивановски

Спушти ја завесата на прозорецот,
да стане полутемнина,
притвори ја бесшумно вратата,
притаи се.
И ништо не ми расправај,
ништо не ме прашувај –
да биде тишина:
сакам за миг да замислам дека сум сам,
дека сум стасал на некој завој од вековечноста
времето кај што запрело –
каде што луѓето не ги познавам,
каде што никому нема што да дадам,
каде што од никој нема што да земам…
Каде што се е така како што е.
Некаде кај што тишината на беспристрасноста
ги израмнува нерамнините на желбите и барањата.
И како далечен патник без пристигање
да го спуштам за миг багажот.
Потем леко да поминам со рака
врз капките на челото набабрени.
Спушти ја завесата на прозорецот,
во полутемнината сакам да замислам –
дека се одмарам.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!