Внатре – Силвана Ј. Димитриевска

Силвана Ј. Димитриевска е родена 1981 год. Во Скопје. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје на Катедрата за Општа и компаративна книжевност со македонски јазик, а подоцна ја завршила и Едногодишната школа за новинари при МИМ (Македонски Институт за Медиуми). Била координатор на литературниот кружок „Мугри“ и уредник на истоимениот поетски алманах. Организатор е на повеќе поетски читања и промоции. Објавува во периодиката.

Застапена е во Антологијата на поновата македонска поезија за млади Пурпурни извори од Сузана В. Спасовска, антологијата Сто без една песна, приредена од Светлана Христова Јоциќ, зборникот на поезија и кратка проза на млади од поранешните југословенски простори Рукописе 30. Пишува поезија, кратка проза, есеи и хаику стихови објавени во првото македонско хаику списание Мравка. Автор е на антологијата Ангели со пет крилја, издадена во рамки на Струшки вечери на поезијата.

Се јавува како рецензент на неколку збирки поезија од млади автори. Добитник е на втората и третата награда „Блаже Конески“ за научен есеј. За својата прва збирка поезија Ти што излезе од песна добитник е на наградата „Ацо Караманов“. Годинава е добитник на неколку признанија на меѓународни поетски манифестации и застапена е во заедничката поетската збирка при манифестацијата „Литературни искри“.

Во продолжение прочитајте ги нејзините стихови.

Внатре

Оставете ме да тагувам по
износените кафтани на светот,
во кои се кријат, како во насмевка,
годишните времиња, плимите, осеките,
сите мои силни ветрови, громовите мои лични,
што ме разнесуваат како пепeл по полињата;
каде расне полско цвеќе, каде тежи земјата оплодена,
како жена возљубена пред изгревот на ѕвездите.
Оставете ме да тагувам, како што тагува
бесрамниот црвен цвет во утрините,
меѓу полињата со афион и тутун,
меѓу водопадите на мојата земја,
како вода меѓу два облака заведени во есен;
оставени на две планини, два залеза,
да самуваат, да војуваат до раѓање.
Оставете ме да умирам како што умира
зборот пред сенката на источното небо,
покорот пред ѕидините на кралевите,
погледот пред дланката на црвеното семе
кое ќе изникне во часот на нашата смрт.
Внатре,
оставете ме како во утроба,
да ја здогледувам, да не ја догледувам,
само да ја сонувам
светлината од почетокот.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!