Бескрајно романтичните души ќе речат дека не постои старомодна, современа, класична, неокласична или модерна љубов. Оти љубовта не е уметнички правец, туку е причина за раѓањето на уметноста. Постои само љубов. Наивна. Невина. Чиста ко солза. Љубов што се надева. Љубов што простува. Љубов што дава шанса. Ќе се согласам со бескрајно романтичните души. И јас сум една од нив. Само ваквата љубов во секојдневнието е ретка. Скоро да ја нема. Како до сега да не сум ја сретнала. Оти денес живееме во општество кое е надвор од матрицата на вистински вредност. Нема нешто што со пари не се купува, што со закана или уцена не може да се добие. Исто е и со љубовта.
За жал, љубовта денес има своја цена. И предмет за плаќање веќе не се насмевките, бакнежите, допирите или солзите. Предмет за плаќање се парите. Кога последен пат сте љубеле некој без да очекувате ништо за возврат? Кога последен пат сте помогнале некому без да очекувате да ви биде возвратено? Кога сте го пуштиле саканиот слободно, оти веќе не сте можеле да го усреќите? Жално е што се претворивме во себични суштества на кои личната сатисфакција им е поважна од било што. Сведоци сме на идилични семејни животи по социјалните мрежи. Романтични вечери. Патувања. Фотографии од огромни букети, скапи парфеми и накит, новогодишни фотосесии на кои љубовта меѓу партнерите изгледа совршено. Сите се стремиме кон такво совршенство, свесно или несвесно. Сите посакуваме некој таков, со кој животот ќе ни изгледа како бајка. Но после неколку години, најидиличните врски се распаѓаат како кула од карти. За миг. Ги снемува.
Се прашуваме што се случило? Зарем не беше совршено? Зарем не беше онака како што сите прават? Патувањата, подароците, прошетките, јадењето во рестораните, сето тоа чини пари. Ако ова е единственото внимание кое сте му го дале на вашиот партнер, тој ќе замине во истиот миг кога ќе си заминат вашите пари. И тој да работи? Хах, зарем не се живее еднаш? Зарем не треба да уживаме во животот? Од друга страна, некои врски завршуваат онака, од досада, од немање интересен, од немање никаква иницијатива. Новите генерации не сакаат никогаш да им биде досадно. А за тоа се грижи новата технологија. Затоа не сакаат со партнерот да им биде досадно. Заминуваат во првата прилика кога ќе најдат некој забавен. Интересен. И така до недоглед. Додека не си здосадат самите на себеси.
А на партнерите баш треба да им е досадно. Треба да се скапат од заедничко досадување. Како ќе дознаат инаку некои работи еден за друг кои не се дознаваат никако поинаку, освен кога ни е досадно. Како ќе знае вашиот партнер од што ви е лузната на коленото, ако не разговарате кога ви е досадно? Како ќе знаете дали имал учител или учителка во забавиште, ако не се досадувате знаедно? Не ве сака оној кој ќе ве напушти кога ќе ви е тешко. Кога работите не одат онака како што посакувате. Љубов е да сте заедно во добро и во зло. Кога едниот тоне, другиот да му подаде рака. Некогаш да тонете заедно. Ама никогаш да не го допрете дното оти вашите раце цврсто ќе се држат.
Љубов? Постои. Стих е низ песните. Реченица низ романите. Воздишка на актерите кои ја играат својата последна претстава. Љубовта е причина за постоење на овој универзум. Љубовта е причина за нашето постоење. Само ако доволно веруваме во нејзината чистост ќе ја најдеме.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.