Skip to content

Најубавото место на светот – Силвана Ј. Димитриевска

  • by

(набабами)

Најубавото место на светот,
Меко како јагне годиначе,
мириса нане и босилек,
потсетува на печени костени во зима,
на есенски дуњи што
се смеат во креденците,
а личи на најличната пролет.

Врз него скутина од шарени нишки навезена
од зрна пресен леб,
под него раце што плетат приказни,
што се подаваат како две гулабици
помеки и потопли од сите постели.

На него паѓаат како ѕвезди заборавени
бакнежи што ги лекуваат
Сите таги и болести.

Јас во него се смалувам, се стуткувам
за да го заземам својот вистински облик
– оној на детенце,
а таму сум најголем и најсилен.

Напишете коментар