Живот, животарење и месечарење – Софи Индовино

Според мене има три категории луѓе…Едни кои живеат живот, други кои животарат и трети кои низ животот само месечарат. Не се првите надлуѓе, немаат тие супер моќи. Тие се смртници кои можеби со смртта се на ти. Луѓе кои боси го минале  пеколот,  со лузни и рани по рамената, од искастрените крила и скршените ореоли. Паднати ангели кои од оскубаните пердуви си го послале патот и повторно го пронашле изворот и светлината. Зошто одлучиле со сопствените раце да го изградат рајот.

Зошто си простиле себе си, зошто простиле и на другите. Зошто после горчината знаат колку е вкусна медовината.Таквите одлучиле да живеат овде и сега. Со гради полни кислород  и аура во боја на виножито. Оние вторите се најбројни. Нивното живеење се сведува на животарење во сивилото на самракот. Нивното одење е во получекори и на прсти, со трепет да не стапнат во мрежата на сопствените стравови.

Нивното постоење е во расчекор со туѓите очекувања и сопствените неспознаени вредности. Нивното поле на битствување е помало од милиметар и потемно од катран. Без да знаат дека космосот им платил карта за неограничен престој во него. Само трба ги тргнат очилата со негативни филтери и да се ослободат од товарот на плеќите кои можеби и воопшто не е нивен. Вреќа полна стравови, негативни уверувања, чувство на немоќ и чувство на вина.

Третите се најстрашни. Тие се нешто како демначи во сенките на туѓите животи. Повеќе зомби отколку човек. Чекаат во заседа кога ќе намириса туѓа среќа и радост. Тие воопшто не живеат. Тие само месечарат.Не знам дали има спас за таквите. Веројатно така е замислено да биде,  дека не можеме сите да бидеме исти, и тоа со однапред одредени причини.

Софи Индовино

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!