Седмиот старешина на манастирот Џуфукуџи, учителот Екичу бил прочуен сликар. Еден ден кај него дошол воинот Нобумицу и од врата го прашал дали може да го наслика мирисот од познатиот стих “По одот низ цвеќињата, мириса коњското копито“. Учителот Екичу нацртал коњско копито и пеперуга како лебди околу него привлечена од мирисот.
Потоа Нобумицу го рецитирал стихот “Пролетно ветре на речниот брег“, и го замолил да му го наслика ветрето. Учителот нацртал поднакривена врбова гранка.
Нобумицу ја цитирал познатата зенистичка изрека “Прстот вперен во човековото срце“. Замолил да му наслика слика на срцето. Учителот ја зел четкичката за сликање и му фрлил капка мастило на лицето на Нобумицу. Воинот се изненадил и се подналутил, а учителот веднаш го насликал налутениот лик.
Потоа Нобумицу му побарал слика на природата од изреката “Види ја природата“. Учителот ја зел во рака четкичката и рекол:
“Ова е слика“.
Нобумицу не го сфатил, па затоа учителот рекол: “Ако го немаш она што го гледа окото, нема да видиш“.
Нобумицу му рекол:
“Земи друга четкичка и насликај слика на природата“.
Учителот му одговорил:
“Покажи ми ја својата природа и јас ќе ја насликам“.
Нобумицу останал без збор.
Прочитајте ја и приказната за добро утро и довидување.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.