Нема да одам мирно – А. Лефкоска

Нема да заминам молчејќи,
ќе заминам викајќи,
виејќи му на Месечината,
повикувајќи ја на борба небесата.

Нема да паднам мирно,
ќе пцујам и гребам
ко што правам цел живот.

Нема да дозволам да се смеат,
ако паднам, боите над мене гордо ќе се веат,
знамето ќе остане вклештено во рацеве,
и никој
и ништо
нема да може од нив да го оттргне.

Ќе види тогаш земја клета што е борец,
со пенкало војни што војува и освојува за конец,
ќе види тогаш земја наша замолчана,
што е чекор и трескот и почва распукана
таму од кај што роза со трња израснала.

Ќе паднам и ќе се стресат граници,
ќе станам и в лице ќе плукнам предавници,
ќе разбудам потоа сестри заспани,
уште еднаш да кренеме силни револуции,
ќе викнам: Јас сум внука на баба ми!
А баба ми сите жени погазени.

И светот ќе се разбуди,
в лице ќе тутнат камери
и провокации,
да видат кому припаѓаме
и како нѐ раѓале
такви диви и бестрашни,
со книги  полни полици – прочитани,
тела ко гроздови со шилки наострени,
умот па, со јазици одамна изумрени.

Крвава битка ќе настане на хартија,
и можеби жива глава не ќе извлечам,
а можеби и ќе излезам горда на себе,
ама, едно знам – што и да се случи
во пеколот нема да ве земам со мене,
ќе ве однесе таму тоа свето
што за ситни пари го продадовте,
а во кое жешко и остро се колневте.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!