Skip to content

Вилијам Фокнер, Нобеловец, еден од највлијателните американски писатели

  • by

Вилијам Фокнер (англиски: William Faulkner) (25 септември 1897 – 6 јули 1962) – американски писател, добитник на Нобеловата награда. Роден во Мисисипи, САД се смета за еден од највлијателните писатели на почетокот на XX век. Фокнер е познат по тоа што користи долги, извиткани реченици и уредно одбрана дикција што е во целосен контраст на минималистичкиот стил на неговиот соперник Ернест Хемингвеј. Некои сметаат дека Фокнер е единствениот американски модернист кој ја следи експерименталната традиција на европските писатели како што се Џејмс Џојс, Вирџинија Вулф, Марсел Пруст и Томас Ман. Неговите дела се познати како романи на тек на свест, со неколку раскажувачи и повеќе точки на гледање како и временски смени.

Живот

Вилијам Фокнер е роден во Њу Олбани, Мисисипи и израснал под силно влијание на тој крај, на неговата јужњачка историја и култура. Неговиот прадедо Вилијам Кларк Фокнер бил важен човек во северно Мисисипи и служел во Конфедеративната Армија. Разбирливо е зошто врз младиот Фокнер влијаела семејната историја како и регионот во кој живеел. Мисисипи влијае и врз неговиот смисол за хумор, неговото чувство за трагичниот однос помеѓу црната и белата раса, неговата жестока карактеризација на обичните јужњачки карактери и неговите вонвременски теми, една од нив е да се биде суров интелигентен човек кој живее позади фасадата на идиот.

Откако е одбиен да служи во армијата на САД бидејќи не бил доволно висок, Фокнер им се придружува на Канаѓаните и на Кралската Армија но сепак не се бори во Првата светска војна. Иако Фокнер силно се идентификува со Мисисипи, сепак кога го пишува својот прв роман „Платата на војниците“ тој живее во Њу Орлеанс и е под влијание на Шервуд Андерсон.

За пишувањето

За пишувањето Фокнер вели во едно интервју за The Paris Review во 1956 година: „Писателот треба да изврши операција на поставување на циглите ако е заинтересиран за техниката. Не постои механички начин да се пишува добро, не постои пократок пат. Младиот писател би бил будала ако ја следи теоријата. Треба да се научите од сопствените грешки, луѓето можат да научат само од сопствените грешки. Добриот уметник верува дека никој не е доволно вреден за да го советува. Тој има возвишена суета. Не е важно колку тој му се восхитува на постариот писател, тој сака да го победи.“

Дело

Најславните романи на Фокнер се: „The Sound and the Fury“ (1929), „As I Lay Dying“ (1930), „Light in August“ (1932), „The Unvanquished“ (1938) и „Absalom, Absalom!“ (1936). Фокнер е и продуктивен писател на кратки раскази, неговата прва колекција кратки раскази наречена „These 13“ (Овие 13) во кои се вклучени и неговите најпознати раскази како што се: „Роза за Емили“, „Горењето на амбарот”, „Црвени листови”, „Попладневно сонце” и „Сувиот септември”.

Во 1931 година во обид да заработи пари Фокнер го пишува „Светилиште”. Андре Маларукс го карактеризира „Светилиште” како „наметнување на грчката трагедија во евтина приказна“. Фокнер е и признат писател на мистерии, објавувајќи колекција на крими-фикција наречена „Витезите на Гамбит“.

Подоцнежни години

Подоцна Фокнер се сели во Холивуд за да работи како сценарист (продуцирајќи за Рејмонд Чендлер како и за режисерот Хауард Хокс). Фокнер започнал љубовна афера со секретарката на Хокс, Мета Карпентер. Продолжува да пие, и бил познат како хроничен алкохоличар. Според гласините, алкохолизмот на Фокнер бил драстичен откако ќе постигнел нешто, откако ќе одел на подолга забава. Интересна анегдота се врзува за Фокнер откако ја добил Нобеловата награда за литература во 1949 година, откако многу испијанет бил донесен од неговиот внук, а тој почнал да зборува за фудбалскиот натпревар кој неодамна го гледал, и покрај неговата опиеност сфатил дека неговиот внук го излажал дека токму тој ден се доделува Нобеловата награда за да се осигура дека Фокнер ќе биде трезен на доделувањето, така што го оставил пиењето до вистинскиот датум на доделувањето.

Текстот на говорот кој го одржал Фокнер е достапен на мрежното место на Нобеловата фондација, заедно со делумен аудио запис. Не се знае дали ова е во живо или е снимено во студио, иако атмосферата укажува дека се работи за доделување во живо. Неофицијалната сторија е дека пред смртта на Фокнер во 1962 авторот Џон Стајнбек му се јавил на Фокнер за да го консултира за сопствениот говор на доделувањето на Нобеловата награда, а Фокнер му одговорил дека не може да му даде совет затоа што бил премногу пијан за да се сети на сопствениот говор. Фокнер пред смртта предава на Универзитетот Вирџинија а во 1962 година умира од срцев удар.

Напишете коментар