Магла – Матеја Матевски

Ја газам оваа магла, оваа есенска
што лази по грбот мој и ‘рбетотт на градот
и што навева студ и сивило во чекорот
и што навева спомени на нешто зелено зелено

Ја газам оваа сива улица што се проѕева
со своите влажни штрбави вилици што гребат
и што се бесат за првите пробудени звуци на утрото
и што се јазат по кревките и високи скали на смевот

Оваа есенска магла е лицето на смртта
густо од едно имитирано лепило
густо од еден одвратен шепот што сака да е интимност
густо од еден поглед преполн со излигавен мов

Таа маска на смртта ги заканува гранките
осамотени на кејот. Но нивните румени прсти
ѝ се опираат смрзнати и нејаки и слаби
црпејќи последни сили во топлиот сон за зелено

Таа одвранта маска сака во мене да легне
да ечи меѓу младите брегови на соништата
и да ги исполни со чадот на стравот и на тагата
и да ги исполни со чадот на слабоста пред смеи мечти

Но и јас сум гранка на брегот од животот што расте
па колку и да ми се смрзнати и румени и нејаки прстите
ја сечам таа одвратна лизгава маска од мов
црпејќи сили во споменот на нешто зелено зелено

Дождови (1956)

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!