Сè што ќе кажеш – Силвана Ј. Димитриевска

Сé што ќе кажеш е заклетва,
помеѓу мене и врелата утроба на светот,
помеѓу сите билки што знаат да тагуваат,
помеѓу грстот вода, тебе на дланката,
реко што ми течеш низ прсти ко пченица,
ќе те изодам како по ѕвезди светот што се изодува.
Заклетва е. Сé што ќе кажеш е заклетва,
на мојата полнота, мојата простодушна стрв,
моите огледала што те создаваат,
моите прозорци што те довикуваат,
како месечината морињата сред полноќ,
кaкo пискот на дете-доениче; Убавино!
– како ли ќе те издржам, во здивот и чекорот,
погледот што ти оплодува класје,
вулканот во устата што го враќа животот на почетокот,
и твојот папок во кој се размножуваат ѕвезди.
Како ли ќе те додржам низ рацеве, две планини, два изгрева,
што вијат со ветерот кога се будиш, како од сон јасика.
Како ли ќе те имам во збор ил во клетва,
на родилна постела, на коски ил претци, на рака и писание.
Како ли, убавино, во само еден живот!?
Заклетва е. Сé што ќе кажеш е заклетва.
Па, дури и кога молчиш, тишината, како завештение ги остава
песните по кои другите те познаваат.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!