Во човечката анатомија, челото е област на главата ограничена со три структури, две коски и скалп прекриени со слој кожа. Собирајќи ги мускулите на челото, меѓу веѓите се формираат две паралелни линии така наречени гневни брчки. Тие две паралелни браздести сестрички се главните карактеристики по кои можеш да ја препознаеш новата генерација на дваесет и правиот век. А ова е уште една тажна приказна, а од тоа што досега го видов, веројатноста да заврши со катастрофален крај плусира во црвено светло.
Векот убаво почна, технологијата направи пресврт на настаните и со својата елегантна брзина започна да чекори напред, а ние останавме назад. И еве веќе две децении, а трета на самиот праг како професионални убијци полека ја убиваме хармонијата во сите нас. Во првата деценија технологијата нè заблуди со нејзниот шарм оставајќи нè со подотворени усти. И со окорени очи. А веќе во втората деценија толку добро ги замрси работите што нашите чувства ги префрли во механичка машина.
Овој патетичен каскадер уште од почетокот го забрка својот успешен рецепт и накалеми еден тренд кој создаде една поинаква клутура за новата елита. Нели секоја генерација сјае со различен сјај, но оваа нашате е како неприроден феномен. Ниско квалитетната доверба која ја добивме во овие дваесетина години би нè натерала да скокнеме од повеќекатница без проблем и тоа со чадор. И душата ми се стега кога гледам дека сме се фатиле како зајче за морковче. И полека но со големи замави грицкаме од онаа најубавата и најблагородната вистинска кралица. Ооо да заборавив да ви ја претставам “нејзиното височество“ кралицата Музика.
Безморалните така наречени нови музичари, се качуваат по сцените ги пуштат трепкаливите светла без кои се разбира не можат да започнат да бомбардираат. Но како да им објасниш дека музиката има свој сопствен код. Може да зборува, може да приреди едно неверојатно шаренило од емоции. Да те врати во времиња кои одамна поминале. Да раскаже приказна со еден вистински вресок. Многу брзаме, сакаме да го препливаме океанот, а да не се намокриме. Оваа кралица е како волшебник. Ги тера нашите срца да чукаат во нејзиниот ритам само ако доволно и се препуштиш. За да го постигнеш тој ритам од челото ќе ти извираат капки пот. Трпеливоста ќе ти биде една од поголемите лекции.
Секој прст мачејки се да го поставиш на вистинската позиција ќе ти ја развие мускулната меморија и еден ден едноставно ги затвараш очите и го слушаш само звукот на волшебникот. Страшна клиничка дијагноза ни постави оваа технологијава уште на почетокот, а каде ли ни е крајот. Пишуваме историја луѓе, мрачна историја. Можат да ми се лутат колку што сакаат новите генерации на музичари, но едноставно би кажала неписмени се, без морални и бесрамни.
Секоја црна точка на петолинската тетратка е една буква од азбуката на музиката. Вратете се точно таму, научете ја азбуката тогаш ќе научите и да зборувате. Тешка е оваа школа но кога ќе ја научиш, ќе ѝ го почувствуваш вкусот. Таа сласт можам да ја споредам со слаткото од јагоди. Бесценет терапевт, една и единствена е оваа кралица. Мислам дека таа ни е едиствениот спас во овие матни времиња. Ако ја убиеме не знам дали ќе бидат темни времиња зошто може нема ни да има времиња.
Емилија Боинска