Новиот Ерусалим – А. Лефкоска

Ќе си ја облечам кошулата
и ќе го поднаместам цилиндерот,
ќе дојдеш ли со мене на кајче во пеколот?

Јас не сум Данте, ама ти си ми Беатриче,
со никоја друга не сакав да ги минам огновите,
да ги бакнам демоните,
да ги стишам мислиите и запишам песните.

Не, јас не сум ти Данте, ама па’ ти пишувам,
ти ја чувам душата од бури и невремиња,
в колевка ти ги нишам соништата сѐ додека
не ја проголташ храброста
и ме фатиш цврсто – гордо за рака.

Реката е мирна и ѕвездите сјаат силно,
пушти го она што болело и било,
замижи очи и слушни ја песната на Елохимот
како пее за нас проколнати,
низ сито и решето во име на љубов поминати.

Не, не плачи,
немаш ти вина,
виновни се мајка ти и татко ти
што граделе брак на рушевини,
па за љубов се ослепени.

Немој, застани – не одрекувај се толку лесно: Не се плаши,
отвори ги за мене тие Вавилонски градини,
па нека збеснат неверници,
нека цркнат од мака проклетници
штом видат света магија
на сред литургија на нас заљубени.

Нек сме погубени ако сме грешни,
ама Ел и Ашера стојат пред нас насмеани,
оденднаш сме благословени,
на сред пекол в рај вознесени
и рајот не е ништо повеќе
од нашата куќа навечер.

Јас и ти в постела под месечина,
нежни бакнежи в сон по рамења,
в друга соба сега спијат дечиња
и нема златни порти и градови,
туку Новиот Ерусалим е нашата приказна.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!