Skip to content

Вересија

Во тефтерот за вересија ќе запишам
сè што ми должиш ти мене,
само страв ме фаќа дека нема да можеш да ми доплатиш
оти долгот твој кон мене со пари не се плаќа,
ниту со скапи парфеми спакувани во убави кутии,
а уште помалку со скапоцен накит.
Ми должиш ти мене еден дејт,
убав дејт на висорамнина преплавена со зумбули,
со дипле, со пречничиња, со ароматични свеќи,
исто така како што ми вети.
Ми должиш гледање зајдисонце на кровот од деветтоканица.
Знам.
Знам дека тринаесеттокатницата е највисока во Прилеп,
ама сакам да гледам зајдисонце од деветтокатница.
Ми должиш бакнување в лифт
сè додека лифтот не заглави.
Ми дожиш одење во кино.
Mи должиш индијанка од Шар.
Ми должиш држење за рака и за половина.
Ми должиш спиење до тебе.
Дури и камата ти тече на вересијата.
Неа во стихови може да ја платиш.
Само се плашам дека ќе си остане непречкртан тефтерот.
Па ќе станам ко оние продавачи што имаат закачено на касите
„Вересија денес не даваме, дојдете утре.“.

Напишете коментар