Покрај еден куп загрозени видови животни, на Балканот вирее уште еден загрозен човеков вид – жени. И стандарди за жени во изумирање за кои се надевам дека младите генерации ќе ги изгазат под нозе. Прав ќе ги сторат. Да се родиш како жена во Македонија со дискриминација се соочуваш од раѓање. Ако си прво дете во семејството, родините ви доаѓаат дома на мекици и секој од нив изговара една прекрасна реченица која секој родител едвај чека да ја слушне. Особено оние што со години се бореле со неплодност, па едвај успеале да добијат и едно дете. „Ајде сега, второто машко.“
Од кај ви е смелоста бе луѓе? Од кај ви е смеслоста да давате вакви коментари без да размислувате за ситуацијата на родителите? Финансиката ситуација. Возраста. Па и борбата со неплодност.
Си растиш како безгрижно девојченце и по две-три години доаѓаат баби или тетки на твоите родители на гости. „Шо чекате уште за второ?” Најверојатно вашите родители ги чекале нив да дојдат, да ги потсетат што треба да прават, за тие да почнат со чинот. Ова се коментари што ме вадат од кожа. Ако и второто дете е девојче, третото ќе биде момче. Ако жената е бремена по трет пат, детето е правено за да биде машко. Не затоа што родителите сакале да имаат три деца.
Растиш и гледаш дека како девојче си обучувана строго за женски работи. Не дека тие работи навистина се женски, туку затоа што на општеството му одговара да бидат женски. Си играш некогаш со пушки и пиштоли. Ама тоа не се играчки за девојчиња. Некогаш сакаш да играш и со војници. Ама ниту тие не се играчки за девојчиња, па затоа ти купуваат барбики. Кујна. Кукли. И не смееш да се качуваш високо на дрво оти ти си девојче. Не гледај машките што прават.
Те учат да миеш чинии. Да простираш облека. Да ја диплиш облеката. Почнуваш да учиш и да спремаш некое јадење. Некогаш гледаш како татко ти ја бојадисува оградата и сакаш да се фатиш за четка и ти. Ама ти си девојче. Што има девојките да бојадисуваат ограда?
Растиш уште повеќе. Не си веќе дете. Тебе ти е сега време. Време ти е да завршиш со учење. Време ти е да најдеш некаква работа. Не биди амбициозна. Што сакаш па ти сега друго да работиш? Време ти е да најдеш дечко. Сите околу тебе знаат за што ти е време, освен ти самата. Што знаеш ти на свои дваесет, дваесет и три, дваесет и пет години? Не знаеш да паркираш, жена си! Не знаеш да смениш светилка, жена си! Хах. Не знаеш ниту масло на автомобилот да си провериш! Жена си, не знаеш!
И жал ми е. Навистина ми е жал што жените и денес дозволуваат да им кажат другите што треба да прават. Да им кажат за што им е време. Уште повеќе ми е жал што тоа најчесто го прават други жени. Оти сум слушала кај што жени оправдуваат неверни мажи оти тие се мажи. Им се може и им се сака. Кај што ја обвинуваат жената оти мажот бил неверен. А сум слушала кај што обвинуваат жена за неверство. Оти таа не смеела. Таа жена била. Сум слушала дека не е лично жена да видиш пијана. Ама да гледаш пијан маж е апсолутно океј. И ги мразам тие двојни стандарди. И в лице ми велеле „Учи додека уште можиш оти ќе те видиме за некоја година. За друго време ќе ти биди тогаш.“.
А од фразата „Време ти е.”, можат да погодат дека ми е време за кафе или за чаша узо, евентуално. Оти јасно ми станало дека со моето време само јас располагам. Исто ко што само јас ги градам моите ставови и ограничувања. Ако си жена, време ти е да се изнауживаш. За себе. А на другите или ич нема да им чиниш. Или ќе им бидеш проклето добра. Добра не смееш да бидеш никако. Безврска е. Затоа ти посакувам да си проклето добра.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.