Иван Алексеевич Бунин – првиот руски Нобеловец

Иван Алексеевич Бунин (22 октомври 1870, Воронеж, Русија – 8 ноември 1953, Париз, Франција) е руски поет и прозаист, добитник на Нобеловата награда за литература во 1933 година за уметноста со која ја продолжува класичната руска традиција во прозата. Бунин потекнувал од сиромашно благородничко семејство. Детството и дел до младоста ги поминал на татковиот имот Бутирка, во Орловската губернија, но кога имал 13 години, татко му го продал имотот. Поради материјалните тешкотии, на возраст од 14 години, Бунин морал да го прекине школувањето и завршил само гимназија. Воспитан во љубов кон науката, поезијата и музиката, Бунин читал многу и се самообразовал, така што самостојно добро го научил англискиот јазик.

Ги обиколил Русија и Украина, работејќи како коректор, библиотекар, театарски критичар, рецезент и публицист. Исто така, често патувал низ Европа, Азија и Африка. Во 1909 година бил избран за почесен член на Петербушката академија на науките, а во 1920 година преку Истанбул и Белград емигрирал во Париз, каде што останал до крајот на животот. За време на нацистичката окупација на Париз, во својто стан Бунин ги криел луѓето кои ги барале Гестапо и Петеновата полиција. Од страна на пријателите, Бунин бил опишуван како воздржан, сталожен и дистанцирано ироничен човек со студено, академско однесување, кој не бил наклонет да ја открива својата внатрешност дури ни во пријателските разговори за кои, всушност, немал многу дарба.

Творештво

Бунин најчесто пишувал поезија и кратки раскази, но тој е автор и на автобиографскиот роман „Животот на Арсењев“ (1930), како и на бројни публицистички и мемоарско-памфлетски текстови. Покрај тоа, преведувал дела од англиски и од полски јазик. Во 1891 година во Орел, Русија, тој ја објавил првата збирка поезија, а во 1897 година – првата книга раскази. Иако во тој период соработувал со Максим Горки, тоа не резултирало во никакви социјални тенденции во неговото творештво. Бунин останал надвор од модерните текови, продолжувајќи ја руската класична реалистичка традиција на Александар Тургенев, Иван Гончаров и Лав Толстој. Неговите дела се одликуваат со оригинален стил и со изразита творечка идивидуалност. Исто така, неговото дружење со композиторот Рахмањинов се препознава во неговите дела како суптилен романтичарски музички израз.

Во 1933 година, тој ја добил Нобеловата награда за книжевност, како прв руски писател кому му било доделено ова признание. Подеднакво пластична и изворна, како во пејзажот, така и во дијалогот и во развојот на општата атмосфера на делата, Буниновата уметност си поставувала самата на себе строги барања. Така, во подоцнежната фаза од животот, Бунин неуморно ги поправал своите претходно објавени дела, правел нови верзии и отфрлал некои делови од нив, тежнеејќи кон постојано усовршување на творечките способности.

Поезија

На почетокот, Бунин пишувал поезија: својата прва песна ја објавил во 1887 година, а четири години подоцна се појавила и неговата прва поетска збирка. Бунин создавал изразито живописна лирика во која се истакнува лирската поема „Листопад“ (1901) во која со голема поетска вештина ја користи изразноста и убавината на рускиот јазик. За оваа поема, Бунин ја добил Пушкиновата награда што ја доделувала Руската академија на науките.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!