Skip to content

Почина филологот и книжевниот теоретичар проф. д-р Атанас Вангелов

  • by

Денеска осамна веста за починувањето на филологот и книжевниот теоретичар проф. д-р Атанас Вангелов. Роден бил во Богданци на 6 февруари 1946 година. Тој беше македонски поет, раскажувач, критичар, есеист, книжевен теоретичар, драмски автор, преведувач. Завршил Филолошки факултет во Скопје и беше доктор по филолошки науки. Професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Бил претседател на Советот на СВП. Бил лектор по македонски јазик и литература во Париз. Работел како новинар во Радио Скопје. Бил член на редакцијата на списанието „Разгледи“. Член на ДПМ од 1967 година. Професорот Атанас Вангелов во 2020 година ја издаде книгата „Лирската биографија на Конески“.

Автор е на книгите: Земјата на цветот (поезија, 1966), Препев на планината (поезија, 1970), Мистер Порфирие (телевизиска драма, 1971), Живеалиште (поезија, 1974), Глетки и пивиденија (поезија, 1977), Песме / Песни (1978), Артизмот и современата македонска поезија (студија, 1978), Преданија (поезија, 1978), Литературни студии (1983), Строго доверливо (поезија, 1985), Решето (критики, 1985), Неодредени лични заменки (драма, 1986), Семантички фигури во македонската народна лирика (студија, 1987), Траги (поезија, 1991), Преписите на Божин Павловски (студија, 1992), Микрочитања (критики, 1993), На безгласје глас (поема, 1994), Гласови и траги (поезија избор, 1995), Исказот и стварноста (критики), Водопад (поезија, 1998), Морфологија на бо(љ)шевизмот(студија, 1998), Проетцонтра македонизми (критики, 1998).

Добитник е на наградите: „Млад борец“, „Браќа Миладиновци“, „Божидар Настев“, „Димитар Митрев“, „Златно перо“, „Григор Прличев. По повод празникот 11 Октомври – Ден на народното востание пред само две недели му беше доделена државната награда “11 Октомври” за животно дело во областа на науката и на образованието.

Напишете коментар