Сè додека е вака како што е, ќе биде исто и ништо нема да се промени. Пред некое време ме прашаа по што се разликува моето пишување и како би го опишала. Мојот одговор беше дека не пишувам за да им се допаднам на луѓето. Не пишувам само за да биде “бендисано“ напишаното туку дека имам сопствен начин на писмено изразување и не може секому да се допадне. Ова е сосема во ред бидејќи дури ни стилот на Умберто Еко на пример на сите не може да им се допадне.
Јас сум далеку од Еко, општо никогаш не се споредувам со ниту еден автор. Но мојот стил не е целосно ист каков што беше пример пред шест-седум години. Единствена споредба ми е онаа со себе, каква бев, каква сум, каква ќе бидам. И во пишувањето и во сè останато. Ако сакаме да промениме некои нешта генерално не значи дека не се добри тие моменталните. Тоа значи дека се преземаат акции за да се исполни желбата за прогрес, за подобрување и развој.
Поттикната од една информација што ја добив пред малку се решив да го напишам текстов. Оти за да се напише нешто мора да се има или некој внатрешен порив или некое надворешно поткрепување. Кај мене се двете присутни истовремено. Напомена: Следните реченици нема да им се допаднат на сите. Читањето на текстот докрај може сериозно да предизвика обид за промена на ставовите.
Сè додека 350 денари ви е премногу за книга, а плаќате по 600-700 денари за правење нокти два пати во месецот, нема да нè биде. Сè додека повеќе би платиле 500 денари за оброк во ресторан, а не сте стигнале ни да се заинтересирате за цена на одредена книга, па камоли да читате, нема да нè биде. Сè додека читањето не е дел од вашето слободно време, нема да нè биде. Некој можеби ќе рече дека “не е до цената на книгата туку до квалитетот или авторот“. Не драги читатели, тоа е само оправдување за некупувањето.
Постојат и библиотеки каде можат да се изнајмуваат книги каде цената не е главна пречка. Значи секогаш се наоѓа начин ако се има желба. И да се има сè, ако сте скарани со книгите и не се дружите со нив, џабе ви е тоа сè. Не мора да ја купувате мојата книга, има илјадници други кои чекаат да бидат прочитани. Ваше е само да си одберете и да читате. Сè додека казината и кладилниците ќе бидат попосетувани места од книжарите и библиотеките, нема да нè биде колективно.
Сè додека се прават експерименти и печатените книги се третираат како нешто кое го “загрозува“ дигитализирањето на образованието, ќе скапува образовниот систем. Напредокот на технологијата колку што помага исто толку може и да одмогне. Ова е веќе друга тема. Сè додека пет часа поминати во гледање серија ви се малку, а еден час поминат во читање книга ви е премногу, вие го негувате скапаното во образованието.
Читајте ради себе, за сопствена душа и за сопствен развој. Потоа читајте и за да научите, да видите различни перспективи и спротивставени мислења за едно исто гледиште. Читајте за да дознаете нешто повеќе кое нема да ви го кажат во училишните или академските клупи. Читањето сериозно го зголемува дотокот на информации во вашиот ум. Истовремено сериозно ја намалува неинформираноста. Читајте за да имате чувство дека сте живееле повеќе животи од еден. Читајте за да видите колку слични судбини постојат како вашата и колку поразлични. Читајте, не само бидејќи читањето е кул, тоа е многу повеќе од тоа. Да се чита значи да се биде. Ај на читање сега!
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.