Глуво доба е, ноќта веќе е спуштена над градот. Мојата улица е празна, само уличните светилки неуморно ја осветлуваат. Личи на писта на која чиниш штотуку треба да слета некој авион. И птиците преселници си заминаа на југ, барем тие секое утро ми правеа друштво. Секое утринско кафе го пиев со песната на птиците, на кои ореовото дрво во мојот двор им беше дом. Ноќта сѐ повеќе зема замав во градот, само низ прозорците од куќите наспроти мојата гори светло, што означува дека некој останал буден, иако на ѕидниот часовник од мојата соба стрелките покажуваа дека веќе наголемо одминуваше полноќ.
Јас сѐ уште будна седам на креветот кој е веднаш до прозорецот, ги набљудувам ѕвездите на небесниот свод што светкаат како милиони светулки, кои ја осветлуваат дополнително мојата соба. Размислувам дали си можеби и ти меѓу нив? Дали ме гледаш и ти мене меѓу ѕвездите, твоите пријателки со кои другаруваш откако замина да бидеш дел од нив? “Ја гледаш ли ѕвездо мојата тагата по тебе која сѐ уште е потстанар во моето срце, откако замина ти?”
“Ја гледаш ли и лажната насмевка на моето лице, која ја користам лажен доказ дека сѐ е во ред за да не осетат како тагувам сѐ уште по тебе?” Да, знам! Знам, ѕвездо моја најсјајна дека ме гледаш. Дека ме следиш во секој мој чекор, го чувствувам тоа, знаеш? Ја чувствувам топлината на моето рамо. Zнам тоа е твојата рака која ми пружи утеха. Ја чувствувам и светлината од небото која ми го осветлува патот по кој чекорам, а ги чекорам твоите стапки.
Знам дека си ми ѕвезда водилка, знам дека си со мене и дење и ноќе, како ангел ипратен од севишниот Бог. Ми доаѓаш и на сон, облечен во бело со златни крилја и таа блажена насмевка, што отсекогаш сум ја сакала. Во моите соништа си ти постојан госин, кој често ми прави друштво. Го слушам во сонот твојот мил глас кој нешто ми зборува, ми велиш: “Немој да тагуваш по мене, јас сум онаму каде што треба да бидам. Погледни! Погледни во твоето срце, нурни се во него што е можно подлабоко. Таму живеам одамна. Се сеќаваш ли мила, дека ти таму ме смести пред да ми ја одреди Бог судбината да се преселам меѓу ѕвездите?
Иако заминав, јас твоето срце не го напуштив. Оставив нешто од мене, кое со години знам ќе го чуваш”. Да, ти навистина остави нешто од тебе. Ги остави твоите хитови да бидат потсетник дека после тебе, ангелу мој, никој не може да ги продолжи. Ми ја остави хуманоста како златна амајлија дека јас треба да ја продолжам. И ќе ја продолжам ангелу, ќе продолжам по истиот пат по кој ти чекореше. На сон кога ми доаѓаш, од мене бараш да го посетам твоето родно Крушево и твојот сакан манастир св. Преобрежение. Секогаш ми велиш во сонот: “Не тагувај залудно по мене, дојди секогаш кога ќе си во можност во мојот манастир и таму ќе ме видиш”.
Ех мој Тоше, ѕвездо моја најсјајна, сѐ би дала да можам да те видам, да те допрам, но ѕваздите се предалеку за мене, а војската од останатите те чуваа љубоморно и не те даваат на други. Сепак јас сум среќна што можам на сон да те видам. и со тебе да го споделам сето она што го постигнав во животот. Среќен си и радосен кога ќе ти пренесам поздрав и од твоите илјадници фанови ширум светот. И самиот знаеш колку се тажни и колку молитви кажуваат во твоја чест. Го знаеш тоа, нели? Ги слушаш ли нивните молитви, нивните треперливи гласови, а солзите едвај ги задржуваат по тебе?
Ништо друго не ми преостанува ѕвездо моја најсјајна, освен да продолжам по твоите чекори, да го сочувам споменот на тебе во најсветло издание. Да те сочувам од заборавот, во моето срце знај дека го имаш најпочесното место и моето ветување што и на сон уште тогаш ти го ветив, дека ќе доаѓам во твоето родно Крушево. Во твојот сакан манастир, ќе запалам свеќа во чест на тебе. Нека стигне таа светлост до небесниот свод, да ти шепне колку многу ми недостасуваш Тоше.
Ана Дедова