Не си успеал во животот
ако крај тебе немаш некоја
што секое утро ќе те гледа додека спиеш
и едвај ќе чека да ги отвориш очите,
па кафе ќе ти свари за поубаво да се расониш.
Не си успеал во животот,
ако немаш некоја што ќе ти се јавува пијана ко ќе е
оти инаку нема храброст,
а секој миг полека умира,
ако не ти го слуша гласот.
Не си успеал во животот,
ако немаш некоја што ќе ти направи торта за роднеден,
што цел ден ќе ти готви, ако знае дека ќе запече сè,
ама ти пак ќе ја пофалиш,
ќе ѝ речеш дека убаво испаднало
и ќе џвакаш и ќе голташ колку и да е пресолено и кисело јадењето.
Не си успеал во животот,
ако немаш некоја што ќе дојде со тебе и во три по полноќ
без да праша каде, оти со тебе секаде ѝ е сигурно,
ако немаш некоја што ќе ти запали цигара после секс,
ако таа не пуши,
ако чадот од цигарите да го поднесе не може.
Не си успеал во животот,
ако немаш некоја што ќе ти се стопи в прегратки,
што ќе ѝ ја тргаш косата од лице само за очите да ѝ ги видиш,
што ќе ти биде и кротка срна и дива ѕверка
и најубавиот ангел и најлошиот ѓавол што го знаеш.
Ич не си успеал.
Ако сето тоа не си го нашол само во една жена.
Ич не си успеал.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.