Чекање – А. Лефкоска

Секогаш каснеше,
па зошто сега да дојде?
Ама ќе чекам.
Ќе чекам дур младост не ми пројде
и не се распаднам под оваа стреа,
ќе чекам ко што навечер ѕвезди бдеат,
чекајќи ја месечината да ги собере и вгнезди
в прегратки топли и засветлени,
ќе чекам на раскрсници,
во ќошеви мрачни и улици,
низ градови ширни и калдрми,
во земји туѓи и далечни,
на местата кај што сакаше да оди,
во музеите кај што сакаше да воздивнува,
ќе чекам и на станици дур секој воз
што не ја носи мене ме одминува.
Секогаш каснеше,
еве и век скоро пројде
Секогаш каснеше,
а јас сѐ уште слепо – од љубов
верувам дека ќе дојде.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!