Ноември е месец посветен на машкото здравје, особено на менталното и емоционалното. Машкото ментално и емоционално здравје е често поттиснувано, третирано како мит или па, исмејувано од општеството кое би требало да знае за подобро. Да ги научиме нашите синови, да им дадеме до знаење на нашите браќа и татковци дека не е срамота да се побара помош и не е срамота тоа што понекогаш прекипува, да им кажеме дека емоциите им се валидни и сосема е океј тие да се искажат. Слабоста не лежи во искажувањето на емоциите, туку во нивното целосно отфрлање и непризнавање. Да бидеме солидарни, свесни и човечни не само во определен месец, туку низ целата година.
“Не, никој не е крив.
Добар сум,
само, сонцето премногу светло удира.
Ништо не ми е,
само воздухот премногу остро влегува.
Добар сум дадо,
само небото денва е црнила,
па човек под него не живнува,
и нема зошто да се радува.”
Не, никој не е крив што немаш насмевка,
само животот од ден на ден те утепува,
само состанокот на работа се одолговлекува,
само никој кога ти е мака не ти верува.
Не, никој не е крив што пак урламе,
или во ретки мигови урлаш на мене,
знам дека светот не чини,
знам дека смачено ти е од апчиња
и бели мантили и потсмевливи погледи
и знам дека се бориш со демони,
и знам дека се кријат вистини,
и знам дека лечиш туѓи рани,
а ти крвариш,
знам дека те боли внатре и не сакаш
– не смееш да зборуваш,
знам сѐ и не им простувам,
зошто те боли не им простувам,
додека одново и одново в себе повторувам:
И не, не е битно кој е крив – никој не е крив,
ако се плашиш да не го најдеш дома штом дојдеш, жив.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.