Првиот пат,
се родив од прашина.
Мрачна на светлина
сјајна на темнина.
Не ти се допаднав таква,
па повторно ме создаде
– од ребро!
Податна како трева под нозе,
послушна како
припитомено животно.
А знаеш ли оти двете, едно сме!
Понекогаш силна како бура,
разорна како лавина,
пеплосувам како оган.
Другпат нежна и слаба
во силна прегратка,
се кршам како дотраена играчка
во невешти раце.
Еднаш, непокорна и слободна
летам со крилјата што ми ги подари
– На раѓање!
Оние што ми ги откорна вториот пат
– На создавање.
Другпат, не можам
ниту чекор да дадам…
Нозите ми се виткаат
под тежината на некоја љубов.
Ме снемува како утринска роса…
– Постојам само стуткана
во нечие срце.
И Лилит сум и Ева сум!
И летам и паѓам,
се борам и се предавам.
Одам како планина исправена,
се тетеравам како пијаница
под месечина…
Еднаш сум Демон разјарен,
другпат сум Ангел податен
И Лилит и Ева!
Еднаш бесна и распаметена,
другпат кротка и мудра…
Додека едната е будна
другата спие.
Која од двете
ќе ја разбудиш ноќва!