Skip to content

Халелуја! Бритни е слободна! – А. Лефкоска

По цели тринаесет години Принцезата на Поп музиката Бритни Спирс е повторно слободна, благодарение на неуморната борба на посветените фанови. Да се потсетиме, во 2008-ма година, по серија на нервни сломови,  беше поставено привремено старателство над Бритни – одлука која обично се носи ако индивидуата е неспособна да се грижи за себе. Со ова, таткото на Бритни, Џејмс Сприс се здоби со право да владее со нејзиниот имот, финанисии, живот (приватен и јавен аспект), одлуки и слобода.

Старателството

Од моментот на поставување на старателството сѐ изгледаше како подмачкано. Бритни беше посреќна, смирена и професионална, но низ долгиот низ години нејзините фанови приметуваа делчиња што не се вклопуваа во приказната. Бритни на моменти, во интервјуа или на објави на социјалните мрежи изгледаше преплашено, издрогирано, тажно – ова доведе до никнување на разни теории на заговор како таа дека Бритни е држена против своја волја, клукана со апчиња и под притисок терана да настапува облечена во облека која одамна ја беше одраснала. Присуството на бебешкиот глас (одамна наметнат од продукциската куќа и нејзините родители) исто така загрижуваше. За жал сите овие теории на крај испаднаа точни и фановите штом го добија потврдниот одговор (онолку колку што можеше Бритни да потврди) тргнаа во акција прво со хаштагот #ослободетејабритни (#freebritney), а потоа и со протести кои привлекоа огромно медиумско внимание ширум светот.

Акција

Првиот удар настана со коментарот „жолто”. Имено, во коментарите на социјалната мрежа инстаграм стоеше коментар: „Бритни, ако те држат против твоја волја, во наредната објава облечи нешто жолто и трепни само еднаш.” Бритни тоа и го направи и акцијата полека започна.  Иако Џејмс, Лин Спирс (мајката на Бритни) и Џејми Лин Спирс (сестрата на Бритни) се обидуваа да ѝ ги замачкаат очите на јавноста, јавноста беше спремна со гас – маски и марамици. Овој пат немаше да се извлечат и не се извлекоа.

Слобода

Во 2019 – та година поради огромен притисок од јавноста и страв Џејмс Спирс привремено отстапи од улогата на старател, но за кратко повторно се врати.
Во јуни оваа година, на едно од судењата за укинување на старателството, за првпат Принцезата на Поп музиката, преку телефонско јавување му се обрати на судот и се изјасни дека е малтретирана, трауматизирана, секојдневно дрогирана со лекови и манипулирана, исто така додаде дека адвокатот што ја претставува не е на нејзина страна и дека целиот тим, како и нејзините родители и сите инволвирани во старателството би требало да одат во затвор за сѐ што ѝ имаат направено. Тогаш судијата ѝ дозволува да избере нов адвокат и на сцена стапува Метју Росенгарт, кој со помош на својот тим го руши параванот на Спирсиеви и нивните вработени доведувајќи ја Бритни до посакуваниот резултат, конечна и целосна слободна по тринаесет мачни години.

Но, иако битката е добиена, војната не е завршена. Од ден на ден Бритни си го пронаоѓа гласот и станува сѐ посилна и посилна.
Во веќе избришана објава – слика со мајка ѝ – на инстаграм таа вели: „Најопасното животно на светот е насмеана и тивка жена.  Истиот момент кога ќе се насмеам и сфатам дека одамна се немам насмеано, мајка ми станува загрижена и вели: ‘Што ти е???’ Јас па велам: ‘Здраво, јас сум Бритни Спирс. Колку убаво е  што конечно се запознаваме.’ Пред да продолжам, простете ми однапред, поминаа тринаесет години и не сум во форма. Претходно беше фамилијарен бизнис, а сега веќе не е. Повторно се родив денеска затоа што ми е дозволено да се смеам…затоа фала ти што те снема од животов, за конечно да можам јас да го живеам мојот!!! Псст, дали знам колку звучам злобно? Сто милијарди проценти знам.”

Славење

Вчера тивки беа Спирсиеви, ама затоа Бритни славеше со фановите, во уште една објава таа по стоти пат им се заблагодари. Но, ферски е да се потсетиме дека Бритни не беше само жртва на нејзиното семејство, туку и жртва на медиумите, мажите и мизогонистичното – патријархално општество кое секојдневно од деведесетите, па сѐ до раните двеилјадити ја распнуваше, мачеше и манијачеше доведувајќи ја до тотална експлозија. Светот и сите медиуми што придонеле за овие тринаесет и кусур години ѝ должи извинување на Бритни, а ние што сме растеле или сме пораснале со нејзината музика, можеме конечно со насмевка, од било кој дел на светот да наздравиме со неа.

Добредојде назад Бритни.
*Ечи Токсик во позадина*

Слушнете ја „Крв да ни се стори!“ – Новaта песна на Каролина Гочева, Бранислав Николов и Дуке Бојаџиев.

Напишете коментар