Премногу сличен на мене

Со секој чекор кон тебе, во мене се разгоруваат силни копнежи. Заживуваат некои мечти, за кои не знаев дека сум спремна да ги мечтаам. Не знам дали да ти се радувам или да се плашам од твоето постоење. Не знам што е подобро. Кога се работи за тебе, јас немам памет во главата. И не знам дали треба да ти се стрчам в прегратки. Или како ѓавол од темјан што бега, така јас да бегам од тебе.

Знам. Знам дека си суров. Знам дека после тебе, пролет на луѓето в душа не им доаѓа. Оти ти им ја носиш пролетта во душите со твојата појава. А им ја земаш секогаш кога си заминуваш. Само, не знам дали треба да верувам дека си суров. Или суровоста ти е само маска со која ја прекриваш душата, бела и мека, ко зимски јорган испран со омекнувач. Се издаваш некогаш. Некогаш си ја откриваш таа страна. Нежната. Кршливата. Ранетата. Парчосаната.

Дури и кога не знаеш, некогаш врескаш за прегратка. Некогаш, освен тага, ништо друго не успевам да ти видам в очи. Знам дека и моите очи некогаш се исти ко твоите. Зарем не се среќаваме поради тоа? Еден тон тага и болка заменуваме со миг задоволство и заборав. И убаво е. Некогаш е навистина убаво човек да заборави и некому да се предаде. Ама не можеш да му се предадеш на секој. Му се предаваш на некој сличен на тебе. Некој кој станал суров само за да не покаже дека е човечен и распарчен. Чист и нежен, ко капка утринска роса.

Некогаш во тебе, ја гледам топлината што ја чувствуваш за мене. Или само се лажам оти сакам во тебе да видам топлина за мене. Секогаш кога ќе ми ја допреш дланката, а потоа ќе ја тргнеш. Како да се плашиш дека ќе те изгорам. Секогаш кога ме стегаш поцврсто за раменото, а потоа се предомислуваш. Како да се плашиш да ми се доближиш. Ко туѓа да сум. А јас освен тебе, никому не му припаѓам.

Слушам како душата ти се кине кога велиш „Немам за кого.“ или кога изустуваш „Таков сум јас.“. А и јас и ти знаеме дека не си таков. И знаеш? Ме нервираш кога велиш „Немам за кого.“ оти си заборавил дека тој некој може да си и ти. Можеш да чувствуваш за себе. Да се отвориш за себе. Да ми останеш в прегратки и да не си одиш за себе. Дури и не мора да останеш кај мене. За себе може да се засолниш во прегратките кај некоја друга. Кај било која.

Ако не сакаш да останеш, ако сакаш да заминеш, можеш да си одиш било кога. Оти јас и ти не сме си ништо еден на друг, освен странци. Странци што се среќаваат во ноќта. Кога никој не гледа. Што се среќаваат да заборават. Што се среќаваат за да преболат. Не ти ветувам дека нема да те барам ко ќе сум пијана, ама ќе те пуштам. Ако сакаш да си одиш, нема да ти ја стегнам раката. Ќе те ослободам. Моите крилја ќе ти ги дадам, само да видам дека можеш да летнеш.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!