Последната Илинденска битка

Му крвави окото!!!! – Јоване добар ли си? “- потресено извика Поп Трајков.

„За жал нема спас, експлозијата беше многу силна. “

„Што да правиме?“

„Испратете некого до Чаништа за да дојдат за преврска. После ќе го однесме до Прилеп.  Нека дознае и Толе Паша, за да може да го пречекаат во Прилеп.“

„Не, продолжувам со борба, ова не може да ме сопре.“- тивко прошепка Јован без да зајачи од болка.

„Не можеш, многу крвариш. Нека го преземе раководството Лука Иванов.“

Лука само што беше пристигнал. Уморен беше од патувањето, но не и за битка. Неговиот остар поглед значеше само едно, спремен беше да ги води востаниците.

Јован долго време гo држеше аскерот прикован и далеку од нагорнината. Имаше неколку експлозивни материјали кои не беа искористени. Комитите не беа распоредени на своите места.

Иванов веднаш ги распореди во одбранбен борбен распоред и им нареди да не отвораат оган без негова заповед.

Турците се приближуваа. Гореше земјата. Воздухот мирисаше на барут.  Се очекуваше јуриш. Лука воопшто не се растревожи кога ја виде големината на аскерот. Знаеше дека неговата силина и борбеност се доволни за да ја зголеми храброста на комитите. Тоа беше доволно за да се столчи аскерот и да се извојува победа.

„Пукајте сите во ист момент“ – згрми Лука. Неговиот силен глас одекна низ стрмината.

*

Селаните во Маргара ги слушаа пукотниците и се криеја во своите домови плашејќи се за својот живот.

„Начув дека ќе дојде Ѓорче од Бугарија“ –  рече Благуна додека се слушаа истрелите од блискиот рид.  „Да бегаме накај Долгаец додека уште не дошол аскерот во селото. “

Семејството на Благуна не беше спремно да ја преживее траумата да бидат повторно нападнати. Еднаш ги сретнале Турците на патот накај дома кога се враќаа од Прилеп натоварени со стока и беа ограбени.

Ги знаеја зулумите на Турците и сега не знаеја дали ќе извлечат жива глава. Аскерот не бираше кого ќе нападне, ограби или не дај Боже застрела.

Благуна со другите селани се натоварија на колите. Зедоа сé што требаше да се натовари и заминаа накај Долгаец.

Аскерот ги пресртена, но со голема брзина ги помина без да ги забележи. Не знаеше дека го чекаат истрели од височината за да го преполоват. Пукаа бомби и беше поставен динамит на патот. Неколку коњаници без разорени од експлозивот, но борбата само што беше започнала.

Благуна ги затна ушите. Запрежните коли бавно се тркалаа по патот и секоја секунда изгледаше како вечност. Каде ли само ќе се скријат во Долгаец? – се прашуваше. Таму живееше вујко ѝ Крсте, но го немаше видено неколку години откако починаа баба ѝ. Живееше сам, никогаш не се ожени, и сега, веќе во поодминати години немаше време ни сила ни за воена битка, ни за брачна прегратка.

„Мамо, ќе одиме кај вујкo Крсте?“ – наеднаш изусти и ја запраша мајка си која во раце го држеше малото братче Јовче кое неуморно плачеше.

Мајка ѝ ги стегаше усните. Само немо ги слушаше пукотниците од динамитот и се надеваше дека за брзо ќе стигнат во Долгаец каде ќе се засолнат. Се молеше на Бога аскерот да не го запали селото и да се вратат на безбедно и да си продолжат со животот без грижа за покрив на главата.

*

Сите запукаа во ист момент. Комитите кои дошле од Костурско гаѓаа меѓу првите, обучени за пукање со пушки гра и црногорски кардалии кои ги носеа со себе. Муазерите и манлихерите ги носеа комитите кои дошле од Бугарија со Ѓорче Петров.

Аскерот, иако многуброен, не очекуваше ваков вид на муниција и брзо напаѓаше без размислување. Се лизгаше на камениот терен, паѓаше закрвавен во рацетe и нозете, но стравот не гo напаѓаше.

Обуката и искуството на костурските чети и на четата на Ѓорче дојдена од Бугарија влеваше дополнителна храброст.

Поп Трајков, дојден од Костурско го подигнуваше духот на сите востаници.

„Браќа мои, доаѓам од далеку. Нашите села горат. Голи сме и боси. Дојдовме за да се бориме. Нашиот дух опстои и покрај тешките битки низ кои минавме во околината на Костур. Полни бевме со надеж дека битката во Прилепско ќе успее, дека востаниците овде се со истиот дух како и ние. Бидете храбри и одлучни и знајте дека оваа битка е одлучна, мора да издвоиме победа.“

Поп Трајков со Лука Иванов ги бодреа востаниците. Во нив гореше желбата да ја добијат борбата. Здружени  и сплотени од сите страни се собрале во центарот на Македонија, во Прилепско. Имаа претчувство дека ова ќе биде последната битка од востанието. Знаеја дека слободата се наближува.

Империјата беше на залез. Големиот аскер кој се приближуваше ја покажуваше својата сила, но неговиот дух беше поразен. Империјата веќе ги изгуби поголемиот дел од својата територија и беше донесен нов Устав со кој почнуваше да се демократизира.

„Ќе мора да се присолниме во Мариово. Аскерот е голем. Не можеме да се соочиме со оваа војска.“

„Не смееме да се предадеме Лука, зарем ние ќе им кажеме на овие храбри луѓе да ги остават пушките?“

„Нема да им кажеме, ќе се повлечат кога ќе го видат аскерот ккао се наближува. Не го очекувавме толку броен, доби засилување. “

Динамитот експлодираше со трескот и разорна моќ и ги одвраќаше нападите на аскерот неколку часа.

Борбата траеше скоро цел ден, а аскерот се зголемуваше. Лука беше полн јад и немир.

„Зарем мора да се повлечеме сега кога оваа битка можеше да ја добиеме? “ – тивко прошепоти.

Турскиот аксер имаше големи загуби, но бројката, тука беше проблемот.

Помош, немаа помош однадвор. Тука лежеше клучот на сите одговори. Се пробија преку Црна до Мариово и таму решија да се засолнат лечејки ги раните и барајќи решенија за понатамошните битки или можеби за прекин на востанието.

**

Детонацијата се слушаше до блиските села. Благуна со нејзините стасале до Долгаец во куќата на вујко ѝ.

„Вујко, како си? Зарем мораше биткава да се случи за да се видиме?“

„Благуна, вистина убаво што ве гледам.  Добро сум, вие добри ли сте?“

„Да, добри сме сите. Колку само се исплашивме од навалата на аскерот, а сега и овие пукотници…“

„Не се плаши, не смееме веќе да се плашиме, набргу ќе дојде слободата Благуна…Слободата!!!“

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!