Кога излегоа од домот меѓу боровите
оставајќи ја шурката на поточето
и звучните кристали на водопадот
што ги истураше штедро во ноќта
не знаеја каде и зошто заминаа
и каде и зошто одат со рацете споени
Над нив беше само Млечниот пат
а пат некаков под нив освен темнината
во прегратката своја што ги позема
што не позема сите во мистичната тишина своја
далеку од домот со мириси успиени
од цветното негово божило
Не знаејќи ни кога ни каде зашто времето
им го мереше само небесната тишина
среде беспаќето на стаписаните погледи
што ни себеси да се препознаат нема
Но дали се случи тоа што се случи
или пак изгина се во нивната сеопфатна ноќ
во која место нив се оддалечуваше некој друг
што себеси одамна и попусто се бара
со раце беспомошно подадени
по тоа што не било и било
Убавата авантура под ѕвездите не знаејќи ни зошто
ни каде пошле кога е самотност наоколу се
ги остава зграгорени под космичкиот круг
дека мелницата негова го сее небесното семе
во браздата што веќе да ја оплоди треба
Допрва како ќе може да се изоди тоа
додека уште во нас сенката на црните борови расте
не знаејќи кога и тука се нашла
во недопирнава и темна метафизичка ноќ
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.