Skip to content

Одблизу со Александар Николовски и неговиот феномен на пишување и издавање две книги истовремено

  • by

Нашата редакција повторно ја имаше таа огромна чест да поразговара со нашиот млад и надежен автор на трилери и мистерии, Александар Николовски. Овојпат со двоен повод. Верувале или не, тој своите многубројни читатели, вака предновогодишно ги изненади со два романи одеднаш. Како ни протече муабетот и какви интересни одговори ни даде Александар, прочитајте во продолжение.

Александар, па што ли е ова?! 🙂 Ти симнуваме капа, дефинитивно! Мора најпрво да те прашаме од каде воопшто идејата да пишуваш и издадеш две книги истовремено?

– Пред сè, благодарам и за ова интервју. Задоволство ми е што повторно имаме можност да си поразговараме и тоа по овој специјален повод. Па моите идеи обично секогаш тргнуваат од тоа да направам нешто што го немало досега, па така и ова. Иако можеби бев инспириран од тоа што гледав дека има читатели што читаат повеќе од една книга истовремено, а јас тоа не можев да разберам како е можно. И ете решив да се обидам тоа наместо со читањето, да го испробам преку пишувањето. И успеав во својата намера односно во како што си го нарекувам јас, мојот книжевен експеримент.

„Дојди да те убијам” и „Убава си кога крвариш”, дефинитивно примамливи наслови како и секогаш, тоа е неоспорно. Накратко кажи ни како течеше паралелното пишување и создавање на овие две приказни?

– За насловите сите се согласуваат дека се примамливи и поинакви, што секако е и мојата цел. Создавањето на две приказни одеднаш е навистина сложено и вложен е огромен труд за да се дојде до крајот на овие две сосема различни дела чиишто ликови и настани постојано ми се испреплетуваа во главата. Пишувањето одеше буквално како да постојано се селите од еден во друг свет, без пауза. Имаше и денови кога помислив дека ќе се изгубам каде сум. Навистина не верувам дека секој автор, без разлика на жанрот што го пишува, би посакал да се впушти во авантура од овој тип. Интересно е што дел од пресвртите кои првично беа наменети да се случат во едната книга, завршија во другата, и обратно.

Имаше ли моменти кога си помисли дека нема да успее овој твој експеримент како што го нарекуваш? И дали повторно би направил нешто слично?

– Секако дека, да. Уште на почетокот кога почнав да пишувам си реков дека или ќе заглавам на двете книги или и двете успешно ќе ги истерам до крај. За среќа, се случи токму ова, второто. Не знам дали повторно би направил нешто слично со оглед на тоа дека целиот процес е мошне комплексен, бара многу време, концентрација и посветеност. И навистина, воопшто не беше лесно, а имаше дури моменти и кога сакав да се откажам и да продолжам со пишување само на едната книга. Но, ете горд сум што сепак успеав и оние кои ги сакаат моите книги одеднаш си добија „двојна доза”.

Како читателите го прифатија овој феномен, наш автор да издаде истовремено две книги?

– Не сум сигурен дека уште целосно го прифатиле, сигурно има и такви кои не веруваат дека е можно, што е и нормално, бидејќи никој не е навикнат на ова. Не знам дали има ваков случај кај странски автор, но кај нас мислам дека немало, па ја разбирам вчудоневиденоста. Секако дека некој ќе си рече дека книгите се избрзани и не знам какви, што беше случај и порано, но никој не може да каже такво нешто кога не ги прочитал. Оние кои ме познаваат повеќе, знаат што да очекуваат, а и кога сум јас во прашање, секогаш знам да изненадам со нешто оригинално, па колку и на некого да не му се допаѓа. Во никој случај не можам да гарантирам дали овие дела некому ќе му бидат подобри или послаби во однос на претходните, бидејќи тоа е релативно. Едноставно можам да тврдам дека се сосема засебни, поинакви и не се продолжение на ниту една од останатите шест книги.

Кажи ни нешто повеќе за содржината на „Дојди да те убијам”?

– Во овој дел од експериментот е прикажано колку амбицијата може да нема граници. Повеќе е драма со трилер елементи и обработува интересна приказна за очајна млада девојка која сака да стави точка на својот живот со скок од покривот на зградата во која што живее и безмилосен платен убиец кој е принуден да го убие единственото она нешто коешто најмногу го посакувал во животот – своето неродено дете. Двајцата раскажуваат две паралелни приказни кои кога ќе се вкрстат пресретнувајќи се една со друга, едноставно вџасуваат без пардон. Но, тоа е само почетокот. Што ќе се случи кога и двајцата нагло одлучуваат да ги променат своите планови?

Од друга страна пак, Велимир Новоселски е човек кој не е навикнат работите да не се одвиваат онака како што тој ги замислил. Кога неговиот комплекс од згради во изградба на атрактивна локација е доведен во позиција да ја загуби градежната дозвола, а млад градежен инженер ќе почне да ги загрозува неговите планови, тој нема да избира средства за да ја оствари својата цел. Повеќе нема да откријам, само ќе кажам дека ова е уште една ултра возбудлива приказна која ви гарантира опасна забава до последното поглавје.

Интересно нема што, а што ли нè очекува во „Убава си кога крвариш”?

– Е овде на самиот крај мислам дека нема да знаете што ве снашло. Приказната зпочнува едно есенско утро, кога средовечна професорка по историја наместо во комфорот на својата спална соба, се буди во стара и напуштена колиба сред длабока шума. Не се сеќава на ништо и нема ниту поим како воопшто стигнала на ова место. Нејзината запрепастеност го достигнува врвот кога забележува дека лежи во нешто што личи на дрвен ковчег, а дланките ѝ се крвави. Кога излегува надвор од колибата, следува нов кошмар. На неколку метри од тремот забележува длабок свежо ископан гроб, а во него ја препознава куклата на својата петгодишна внука.

Како омилената играчка на малата Матеја завршила овде? Што ли навистина се случило? И што ли бара шишенцето со сулфурна киселина, скриено во фиоката меѓу нејзината долна облека? Морбидните одговори се кријат токму на последното место на кое некој воопшто и би помислил да погледне. И тука ќе застанам и ќе ве предизвикувам да откриете без никакво одложување како ќе ве шлогира овој крајно загадочен деликатес.

Едвај чекаме да ги прочитаме Александар, феноменално звучат! Сега веќе имаш осум книги, што за наш млад автор е дефинитивно солидно творештво. Кои се твоите очекувања за овие две најнови дела?

– Да, така е. Осум книги кои си ги сакам како свои деца, во секоја од нив е вложено многу љубов. Само инспирацијата да продолжи да ме служи како и досега, ништо друго не барам. Обично немам големи очекувања, но досега интересот за сите книги бил далеку над очекуваното, толку што просто не можам и да си поверувам самиот на себе. Останува читателите да ги прочитаат и да ги кажат своите искрени импресии. Ама како и секогаш, ако ништо друго, верувам дека ќе бидат изненадени на крајот.

За крај, повторно мораме да те прашаме, која е твојата порака за твоите читатели и оние на krajbrezje.mk?

– Овојпат си ветив дека воопшто нема да ја споменувам короната, ни преседна веќе на сите. Она што вака предновогодишно сакам да им посакам на сите е првенствено добро здравје, среќа и успех на сите полиња во новата година и во овие денови кои ни преостануваат од оваа старата. И секако, да им дадат шанса на младите помалку афирмирани автори и да прочитаат некое нивно дело. Верувам дека од повеќето ќе бидат пријатно изненадени.

Александар, ние од срце ти благодариме за издвоеното време и ти пожелуваме уште поголеми успеси во новата 2022 година. Како и досега, и понатаму остануваме да го следиме твојот развој и напредок со сета наша поддршка. Сите оние кои сте заинтересирани за неговите книги, не двоумете се и предновогодишно збогатете ги Вашите полици и библиотеки со некое од неговите уникатни дела преполни со пресврти и возбуда.

Претходно издадените книги од Александар Николовски

Напишете коментар