Skip to content

Запознајте го Давор Илиевски, студент по медицина со голема пасија кон музиката

  • by

На наше големо задоволство, разговаравме со млад и надежен студент по медицина чијашто пасија е музиката. Давор Илиевски е од Кичево, а на студии е во Скопје. Го следиме неговиот јутјуб канал, сакавме да го запознаеме уште подобро па му поставивме неколку прашања. „Момчето кое уште го бара своето место во светот со џебови полни соништа“, како што ќе се нарече сам, е амбициозно момче кое ви го претставуваме денес.

Кој е Давор Илиевски, како би се опишал себеси во најкратки црти?

– Давор Илиевски е момче во почетокот на неговите дваесетти години кое го бара своето место во светот со неговите џебови полни со соништа.

Студент си на Медицински факултет, а во слободно време сакаш да се дружиш со гитарата. Од кога се појави љубовта кон свирењето кај тебе и кои беа првите почетоци кога ти одлучи дека сакаш да научиш да свириш?

– Мојата љубов кон свирењето започна кога имав само 5 години, кога мојот дедо ми донесе за поклон малечко гитарче, препознатливо по неговата детска розева боја кое не го пуштав од моите раце. Но љубовта кон гитарата ми стана уште поголема кога за првпат во Прилеп, исто така на 5 годишна возраст, бевме поканети заедно со моите родители на свадба на која еден од музичарите свиреше на електрична гитара-до тогаш за мене нов и неоткриен свет, до кого јас сум застанал со моето малечко гитарче и сум се замислувал како и јас да свирам со него и неговиот бенд.

Сè тоа беше само детска игра и неостварен сон, сè додека на мои 12 години за првпат барајќи стари фотографии по старите албуми не налетав на фотографија на дедо ми на којашто тој држи гитара. Мислам дека тоа беше моментот на кулминација преку кој добив мотивација и храброст конечно да ги земам моите први приватни почетнички часови по гитара.

Стара фотографија на која свири гитара дедото на Давор

Што е заедничко за медицината и музиката, како ги поврзуваш, ако може да им се најде заедничка нишка што ги спојува?

– Заедничкa, а мислам исто така и најважнa нишка за медицината и музиката е едно зборче со голема буква ”М” кое треба да падне во очи и да се запамти, а тоа е што ако не МОТИВАЦИЈАТА. Но таа оди рака под рака со упорноста и неоткажувањето односно жедта за учење и усовршување ден за ден, чекор по чекор. Мислам дека се тоа главните состојки кои човек треба да умее да ги комбинира за да успее со било што во својот живот. Сега, потсвесно иде и прашањето: ”Каде можам да ги најдам тие состојки?” Одговорот е едноставен:”Не треба да ги бараш, самиот живот ќе ти ги подари низ секојдневието, само добро опули ги очите и добро разгледај околу тебе!”

Кое е твоето најрано сеќавање поврзано со музика?

– Моето најрано сеќавање поврзано со музиката е кога мајка ми ми рецитираше детски песни кои јас ги учев и ги пеев пред останатите со некој предмет фатен во раката мислејќи дека тоа е микрофон и замислувајќи пред себе дека тоа го изведувам пред некоја голема група на слушатели. Но да не заборавам и дека потајно се поткраднував во собата од татко ми пуштајќи го стариот грамофон со грамофонските плочи или системот кој работеше на касети кои ако ги измоташ, мораше да се вратат со вртење со помош на моливче. Се сеќавам и на фамилијарните патувања со автомобил во кои се слушаа најглавно песни од Тоше Проески, Дино Мерлин.

Се сеќавам и кога за првпат еден од моите другари возбудено се стрча кон нашиот двор и радосно ми ја сподели веста дека татко му од странство му донел мала црвена пластична кутија од која можеше да се пушта музика,а тоа беше малечко MP3 од кое слушавме главно песни од кралот на поп музиката Мајкл Џексон. Навистина станавме зависни од тоа мало апаратче со песни! Колку само брзо врват годините и технологијата, но дали тоа значи дека и музиката е поквалитетна? Ајде тоа прашање да го оставиме за во следна прилика.

Какво беше чувството кога конечно сфати дека си талентиран за музика?

– Искрено, јас лично и не се сметам себе си за некој виртуоз или голем талент, верувам во поседување на сенс и осет за музика што постепено се развило и сè уште е во развој, што верувам дека го поседувам до некој степен. Не можам да побегнам од тој тип на развој, бидејќи музиката ја пронаоѓам во секое нешто, односно, секое нешто го пронаоѓам во истата. Тоа го гледам како знакчето за бесконечност, па сакал или не (нормално дека сакам без тронка сомнеж во тоа), секојдневно се трудам музички да созреам и да нанесам по некоја тенка нијанса на светло обоена музичка нота во моето метафорички кажано ”музичко петолиние од  музички искуства” заглавено некаде во мојата десна хемисфера од мојата глава кое го зачинувам со срдечна работа кон музиката што ја изведувам и неизбежен, а исто толку и сатисфакционен труд.

Повеќе се гледам како огромен музички заљубеник (не смеам да се наречам самиот себе за музичар бидејќи не сум созреан за тоа, а и немам музичко школо т.е најголем процент сум самоук) кој својата низ годините напишана поезија ја претвора во песна чија што емоција сака да ја пренесе на слушателот,а со тоа да се потруди да му го разубави денот, а главна алатка преку која што тој бара решенија да ја пренесе емоцијата и чувството на сегашниот момент е гитарата.

Yesterdays – Давор Илиевски

Која е првата песна што ја научи да ја свириш на гитара? Дали се сеќаваш?

– Секако дека се сеќавам, тоа не смее да се заборави! Ако еден љубител на гитара не памети кога за првпат ја научил да ја свири првата песна на својот инструмент е исто како да си го заборавил роденденот на своето прво детенце! Само малце се шалам со мојата смисла на хумор, мојата прва песна што научив да ја свирам беше ”Ој девојче” во месец август, летото 2012 година со која што среде ноќ често беше скршен сонот на моите дома. Прекрасна нумера, за почеток нели?

Што значи да се биде студент во нашата земја, а притоа да се негува своето хоби, во твојот случај страста кон музиката, односно свирењето гитара?

– Да се биде студент, а притоа да се негува својата страст кон музиката е навистина една голема вага на која што треба двете нешта подеднакво да ги распоредиш за меѓусебно да владее хармонија и баланс, со која двете омилени работи треба да се надополнуваат една со друга, бидејќи ако на едното место ставиш поголем товар-верувајте дека големи се шансите да го притисне другото и да треба да посветиш дупло внимание и време да го совладаш подзаостанатото. Со други зборови кажано-треба да се биде добар менаџер со времето, а тоа искрено напати ни претставува послаба страна на сите нас!

На твојот јутјуб канал објавуваш видеа со преработки на песни што ги свириш во домашна атмосфера. Може да се забележи дека имаш и твои авторски песни каде сам ги смислуваш текстовите и компонираш музика за нив свирејќи гитара. Од каде е инспирацијата за создавање нешто свое, дали можеби си инспириран од некој музички идол?

– Инспирацијата за музиката што ја изведувам, а посебно музиката што самиот ја пишувам, составувам и компонирам потекнува од моменталните чувства, искуства, среќа, тага, болка,чувство на осаменост, неважност, отуѓеност, одбивност, а исто така и чувства за желба за напред и гледање на светлата страна на сè низ секојдневието, експресија, љубов кон нештото. Едноставно тоа се моменти. Не може човек да седне со помисла и план дека треба да напише текст или песна. Тоа најчесто испаѓа без продуктивен плод. За тоа едноставно треба ”да ти се насмевне музата и да ти слета на рамото”, а исто така ”музата” често знае да те пробуди од твојата топла постела за да го запишеш текстот кој моментално ти паднал на памет.

Музиката е чувство со акција на експресија на моменталната состојба во која што душата се наоѓа и е раздразнета од вибрации на позитивна или некогаш не баш пријатна енергија со краен резултат на ‘’наеженост’’ по кожата како доказ на реакција дека таа енергија струи низ целото твое тело, а со тоа и другите се под твое енергетско влијание. Ти си жив магнет.

Инспириран сум и од некои мои музички идоли кои ги обожавам уште од моето детство и раните почетоци,а тие се нашите едни и единствени, извонредни мајстори на гитарата: Влатко Стефаноски, Pellumb Qerimi, Дамјан Пејчиноски. Исто така и некои странски врвни гитаристи како неповторливиот Tommy Emmanuel, Yngwie Malmsteen, Eric Clapton, BB. King, Steve Vai, Guthrie Govan, Saul Hudson познат под името Slash и листата продолжува понатаму со многу други.

Но мислам дека најголем музички идол ми е самиот живот, бидејќи тој претставува музичар,а воедно и врвен диригент кој нè следи многу теорија туку ”по слух” и искуство ни ги сервира работите, животните скокови и падови и нè учи по пат на секојдневието да ги поправиме нашите грешки што навистина знаат и да болат, но тоа е ефикасниот процес на неговата школа и учење.

Hey Angel – Давор Илиевски

За поздрав е кога младите луѓе се насочуваат кон вистински вредности макар преку нивните хобија, надвор од факултетските обврски, а притоа се одлучуваат да им го претстават на останатите она што го прават на некој начин бидувајќи им пример. Кога се одлучи да го креираш каналот на јутјуб, која е приказната зад неговото постоење?

– Мојот YouTube канал го креирав од проста причина бидејќи имав направено многу видео материјали од мои лични мелодии и идеи за песни кои подоцна некои од нив пробав да ги составам и да добијам една целина па на крај испаднаа мои авторски песни за кои мојот YouTube канал испадна најсоодветна алатка за нив да ги споделам со цел да не ми се изгубат низ многубројниот снимен материјал, а со самото тоа и со цел  можеби да бидам и нечија мотивација и мала искра за поттик за нешто ново и убаво во животот. Едноставно сакав да почнам ново поглавје во мојот живот на коешто можам да објавувам cover песни, а и мои авторски песни со цел да оставам нешто зад себе во кое што сум вложил огромна количина на љубов и труд по кое што слушателите ќе ме паметат за убаво дело.

Исто така за креирањето на мојот канал влијаеше и големата поддршка на мои пријатели, а и публика пред која сум отсвирел моја авторска песна во која што музика едноставно уживале, па ме поттикнале и советувале да го отворам мојот YouTube канал кој сè уште е на неговите скромни почетоци.

Дали имаш омилени јутјубер(к)и кои ги следиш чиишто видеа не сакаш да ги пропуштиш? Дополнително на ова, дали можеби постои јутјуб канал од кој се мотивираш и црпиш инспирација (не мора нужно каналот да е поврзан со музика)?

– Следам одредени YouTube канали преку кои човек може навистина да научи нешто вредно и позитивно,нешто што ќе му користи во секојдневниот живот, како на пример каналот Alux.com, канали преку кои може да се образувате за фитнес, а и да слушнете прекрасни спортски и животни совети како на пример scooby1961, канали за гитарска опрема како што е Normans Rare Guitars, а и канали преку кои човек може да ја црпи својата дневна доза на хумор и тоа е каналот кој топло ви го препорачувам на сите, каналот на нашиот прекрасен човек и комедијант Никола Тодороски од Охрид. Немам некои посебни јутубери или јутуберки кои можам да ги класифицирам во групата ”најомилени” бидејќи навистина има одлични луѓе што се занимаваат со тоа и не би било навистина фер да ги подредам во било која класа или граница.

Дали планираш да се посветиш повеќе на музиката и да направиш студиска снимка на песна со твој текст и музика?
  • Снимање на студиска снимка или албум во студио е еден од најголемите соништа на секој што се занимава со музика, како што реков-нешто што ќе остави по кое што другите ќе се сеќаваат на него и ќе се такаречено ”запише во матичната книга на музичари” во која ќе остави свој идентичен fingerprint и свое оригинално CD. Да, имам намера во одреден дел од животот да се занимавам малце и посериозно со музиката но дали ќе правам моја студиска снимка или албум, за сега тоа нека биде моја мала тајна и нека биде на ваше и мое изненадување.
  • Born To Die – Давор Илиевски

Дали можеби би се обидел да формираш свој бенд или да бидеш член на веќепостоечки?

– Досега, сме се обиделе неколку пати да склопиме бенд со други млади, а воедно и талентирани музичари но за жал тоа било неуспешно. Можеби одговорот во тоа лежи во самите луди средношколски години но мојот ментален склоп сè уште е подесен на опција за формирање на нов Rock ‘n’ Roll бенд или во придружување на веќе постоечки. Да бидам искрен малце е потешко за втората опција бидејќи веќе оформените бендови знаат ”како дишат” меѓу себе, навикнати се едни на други и е малце потешко да се вклопиш како нов член но никогаш не вели никогаш, можеби ќе им бидеш баш последното парче од сложувалката кое одамна го барале или им било некаде загубено!

Кога Давор не свири и не учи некоја нова мелодија, кој вид музика најмногу сака да го слуша?

– Најглавно слушам блуз музика, Rock ‘n’ Roll,, добар и стар џез, метал, аmerican country music, а во последно повеќе и класична музика. Навистина ми годи и ми ги прошрува моите музички размислувања, постапки и хоризонти. Слободно наречете ме старомоден, тоа е навистина голем комплимент за мене и едноставно уживам во тоа што го правам!

Твојата порака до читателите на Крајбрежје?

– Драги пријатели и прекрасни основачи на Крајбрежје, пред да ја кажам мојата порака сакам срдечно да ви се заблагодарам на вашата одлична соработка со мене за која ми беше голема чест и задоволство и за вашиот топол пристап, а ќе ви ја дадам истата порака-совет,кој што и јас самиот на мене си го давам а тоа е следното: ”Бидете свои, не споредувајте се со никого, освен со човекот во огледалото кого го гледате секое утро и вечер во очи, а тоа сте самите вие. Не брзајте, на секое цвеќе му е потребно посебно време на развој. Размислувајте со своја глава и најважно од сè терајте си го своето бротче низ непредвидливото море на животот и раширете ги широко едрата на храброста за  да може ветрот на шансите и можностите да ве турне за да пловите напред.

Верувајте во компасот на судбината, но не плашете се да побарате помош во одредени моменти од останатите пријателски бротчиња, бидејќи барањето помош не е знак на слабост, туку е голем знак дека по секоја цена се спротивставувате да се откажете од вашите животни цели!” Останете ми поздравени до следна прилика и во добро здравје, сè најдобро и искрена благодарност до секого и до тие што ова го читаат!

Во името на целиот тим од Крајбрежје на Давор му благодариме за одвоеното време, му посакуваме успех на секое поле и остварување на сите соништа! А вие направете subscribe на неговиот канал, за поддршка на млади таленти и промовирање на правилни вредности во денешницата.

Напишете коментар