Гракотници се слушаат од исток и запад:
Нема! Нема веќе назад!
Им нема корист на зборовите
кога ветувањата се прекршиле,
им нема корист на зорите,
кога очите од солзи се затвориле,
им нема корист на бакнежите,
кога усните отровни излажале,
му нема корист на љубовта,
кога во неа се повредила душата.
Гракотници се слушаат од исток и запад:
Нема! Нема веќе назад!
Му нема корист на грозјето
штом не лечи виното од него,
им нема корист на чашите кристални,
штом гневот не го гаснат од ѕидот искршени,
нема корист тоа преќутено, ради – реда “Извини”,
кога ми се искинаа и грбот и знамето и срцето и сите таписерии ко да се гнили,
кога се тешев, мислејќи како јаже да сплетам и да се обесам со конците нивни.
Гракотници се слушаат од исток и запад:
Нема! Нема веќе назад!
Му нема корист на смртта
кога сѐ уште ми врие крвта,
му нема корист на “Жал ми е што да ме засакаш, не успеав,”
кога еве, на крај и без тебе преживеав.
Гракотници се слушаат од исток и запад:
Нема! Нема веќе назад!
Му нема корист на белата, обична хартија,
кога пенкалото и без тебе сѐ уште пишува,
ама чуј:
Mу нема и корист на совршеноста
што навидум, на народ – за народ се прикажува
штом во неа не постои љубовта чиста и искрена.
Гракотници се слушаат од исток и запад –
од север и југ:
Нема веќе кај тебе назад!
Нема веќе вртење во круг!
Нема веќе кај да бегам,
се сакам себе повеќе сега.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.