Глигор Поповски – За поубав свет

Светот е полн со убавини,

светот е преполн со сешто,

а сепак во многу земји

некаде не чини нешто.

 

Прекрасни облеки има,

старо и младо ги носи

а сепак во многу земји

среќаваш голи и боси.

 

Волшебни палати има,

секаде зграда до зграда,

а сепак, во многу земји

некој за дом топол страда.

 

Чудесни јадења има,

јадења ум да ти зајде,

а сепак во многу земји

некој ни леб не ќе најде.

 

Светот е полн со убавини,

светот е полн со сешто,

па ајде да делиме братски,

за сите да има по нешто!

 

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!