Има работи за кои не можам да се погледнам во огледало од страв дека не ќе видам човек таму, туку монструм. Нејќам огледала. Нејќам уште од малечка. Ме извртуваат, ме повикуваат, ме ваѓаат од такт. Не ме огледуваат мене тие, туку она што светот го гледа – пребргу осудено, престрого затегнато – зауздано или па, олабавено.
Им се може на огледалата – да извртуваат вистина, ама и срам да носат и гадење, затоа се гледам во нив без гледање. Затоа ги избегнувам, затоа гледам, ама не погледнувам на узминување.
Не погледувам, никако не погледнувам од страв дан сум тогаш намуртена, а во огледало да се видам насмеана. Го можат тоа огледалата, да прикажат нешто што не е тука – невистина, да ја извртат реалноста, притоа да ги извадат сите „грдосии на виделина,“ подочници, брчки, лузни душевни и искршени насмевки: паравани проникнати од еден живот од срцето далечен.
Има работи за кои не можам да се погледнам во огледало, помалку се физички – повеќе се душевни.
Прочитајте ја и Зен приказната за другата страна.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.