Керол Ен Дафи е британска поетеса, овогодишен добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата. Дипломирала филозофија во 1977 година и оттогаш активно се занимава со поезија, објавувајќи книги и патувајќи за да ја чита и предава својата поезија. Работела и како поетски критичар за Гардијан од 1988 до 1989 година и како уредник на Списанието за поезија Амбит. Во 1996 година започнала да предава поезија на Универзитетот Метрополитен во Манчестер, каде подоцна станува креативна директорка на Школата за пишување.
Автор е на збирките поезија: „Исправен женски акт” (1985), „Другата земја” (1990), „Сопругата на светот” (1999), „Занес” (2005), „Љубовни песни” (2010), „Пчелите” (2011), „Искреност“ (2018); драмите„Земи го маж ми” (1982) и „Мали жени, големи момчиња” (1986); Сликовниците: „Подводна фарма”, „Крадец на солзи” „Ќебињатана принцезата”, и „Божиќниот роденден на Дороти Вордсворт”; како и стихозбирката за деца „Шапката” (2007).
Во 1999 година, за малку не го добила британското признание поет лауреат. Според британските медиуми тогашниот премиер Тони Блер стравувал дека нејзината хомосексуалност нема да биде добро прифатена од „средна Англија“. Сепак е прогласена за поет лауреат во 2009 година, и е првата жена која воопшто била почестена со таа титула од нејзиното основање во 17 век. Добитник е и на забележителни признанија како: Наградата на шкотскиот совет за уметност, Книжевната награда за поезија Витбред (подоцна Коста), и наградата Т.С. Елиот.
Историја
Се буди стара и конечно сама,
во креветот коски, ниту еден заб
во главата, полумртва, се влечка
и поткривнува, се симнува на долниот кат
во парталава ноќница
замирисана на мочка.
Шмркнува од чајот, се загледува во
рацете – гранки, ракавици со флеки –
се накашлува со свиреж, го повлекува
капутот што виси на закачалката
од вратата, легнува на каучот,
задремува, почнува да ‘рчи.
Историја ѝ е името.
Има видено како го симнуваат
од Крстот, мајка му се бори
за здив, како да е неговата смрт
мачно породување, војниците плукаат,
ги бодат копјата в земја;
била таму
кога рибарите се колнеле дека е вратен
од мртвите; го видела кревањето на базиликите
во Ерусалим, Константинопол, Сицилија; гледала
како за сто години римскиот воздух
се претвора во камен;
била сведок на војните,
крвави крстоносни,
ги знаела по датум
и по име, Банокберн, Пашендал,
Бабин Јар, Виетнам. Ги слушала последните зборови
на мачениците горени на клада, убијците
обесени за врат,
гледала одблиску
како светецот дува и плука во пламените,
како ригидниот и испрекинат филм на диктаторот
му го разорува умот, како децата
мавтаат со рачињата од возот. Се буди пак,
студена, во темница,
во празната куќа.
Низ прозорецот тули, крадци
во ноќта. Кога ѕвонеа на нејзината врата
немаше никој; вратата испрскана со
свежи графити, гомно завиткано во весник
оставено на подот.
Препев од англиски јазик: Македонка Божиновска
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.