„Здолниште од пеперутки“ од Силвана Димитриевска е првонаградениот расказ на конкурсот „РАСКАЖУВАМ ФОТОГРАФИЈА 2021“

„Здолниште од пеперутки“ од Силвана Димитриевска (напишан според тема/фотографија: Жената Еврејка) е првонаградениот расказ од годинешниот конкурс. Конкурсот „Раскажувам фотографија“ е организиран од Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија. Второнаградениот расказ е „Партија шах“ од Александар Тасевски (на тема/фотографија: Евреите и спортот), а третонаграден е расказот „Лицето на Маген Давид“ од Сузана Ѓорѓиевска (на тема/фотографија: 11 март 1943 – депортација и последно патување). Во продолжение прочитајте го првонагредниот расказ од авторката Силвана Димитриевска.

Здолниште од пеперутки

Сонцето спокојно наѕирнува од Калето. Зазорува. Грчевито го стискам врзопот внимателно обвиткан со хартија и со ситни брзи чекори ги прескокнувам коцките на калдрмата. Овојпат не ги бројам, а знам, од мојата до куќата на Ана има точно 365 коцки, толку колку што има денови во годината. Од секоја коцка ја наслушнувам нејзината ѕвонлива смеа како ми кажува дека нас две не дели една година, за секоја коцка по еден ден. Таа им имаше одредено и бои и имиња на коцките. Чудесна е Ана. Слаба, висока, со руса коса која во немирни прамени и го покрива испиеното лице на кое светаат како празнични ѕвезди големите сини очи, големи колку небо.

Секогаш ме чека на прагот од нејзината куќа, босонога и насмеана, срамежливо го крие излитеното здолниште, а мене ми затреперува срцето и се чувствувам виновно додека чекорам кон неа со чипканите чорапчиња купени од Солун и сомотните фалти кои ми ги обвиткуваат колената. Јас, Сара, ќерката на познатиот кујунџија Исак, мамината „ѕвезда“ и „гордоста“ на тато. Мајка и на Ана речиси никогаш не беше дома. Излегуваше со првите петли, чистеше и готвеше во две куќи, а се враќаше на зајдисонце, со остатоци од зготвениот ручек и со насмевка која може да ти ја излечи душата. Никогаш не се жалеше на својата судбина, не велеше дека животот е суров и покрај тоа што рано остана сама со Ана, но често знаеше да каже „животот е како огледало чедо, насмевни му се и тој ќе ти се насмевне“.

Тогаш имав девет години, не разбирав што ми кажува, само си мислев дека нејзините зборови звучат спокојно и мудро. Имам уште стотина чекори, а немам многу време. Ги изминувам како лесен лет на пеперутка, а капки пот ми го оросуваат челото. Ана седи на прагот од куќата и со двете раце цврсто држи големо парче леб. Доаѓам до неа, а срцето ќе ми излета од градите. „Среќен роденден Ана“ и велам додека и го тутнувам во скутот врзопот хартија. „Па мене утре ми е роденден будалче“ се смее таа. „Знам, ама носи го ова утре, за роденденот“. Ана ме гледа и ја отвара хартијата. Од неа излетуваат најубавите пеперутки кои светкаат и треперат на утринското сонце. Се лулее жолтото свилено здолниште и летаат пеперутките. Сините очи се ококоруваат од восхит. „Морам да одам“ велам без здив и веќе трчам накај дома.

Градите ми се полнат со радост и страв. Одам од задниот влез на нашата куќа, оној од кај кујната. Со крајот од окото успевам да ја видам стамената фигура на татко ми како стои пред влезната врата, достоинствено, со почит ја допира мезузата со своите дебели прсти, а потоа си ги допира усните. Му играат брковите додека ја кажува утринската молитва и потоа заминува во правец кон синагогата. Внимателно наслушнувам дали има некој во кујната, како крадец ја отворам врата, се мушнувам внатре и полека на прсти одам во својата соба.

Моите детски очи не ги видоа воздишките на мајка ми како ме испратија од вратата па сè до мојот кревет. Се покривам со ќебето и чекам. По неколку минути ги слушам чекорите на мајка ми, ја чувствувам нејзината блага рака како ми го гали образот и ме буди, а мене ме боли и ме пече и нејзиниот допир и мекоста во гласот. Ајде, ми вели, вечер е Шабат, ајде да ми помогнеш да ја замесам халата. Се извлекувам од под ќебето. Сакам да ја прегрнам, сакам да и кажам што сторив, но гласот не ми излегува од грлото. Стоиме јас и мајка ми во кујната, центарот на нашиот дом, центарот на светот, најтоплото и најсветлото место од моето детство. „Подај ми го брашното да го просеам“ вели.

Милион ситни снегулки летаат во воздухот, како маната која паѓала од небото. Се сеќавам на смеата на Ана кога и раскажував за храната која Израелците ја добивале од Бог додека биле во пустината. „И таа им паѓала од небото?“ ме прашува. „Да“ велам. „И имала вкус на медени колачиња?“ се чуди Ана. „Да“ одговарам. „Уф, Саро! Колку сакам да сум живеела тогаш“ ѕвонливо се смее и си ги оближува усните, чиниш штотуку изела полна лажица мана. Мајка ми полека го замесува лебчето. Сонцето ја огрева целата кујна и нејзиното лице зрачи од светлина.

Мојата мајка, столбот на куќата, јадрото околу кое гравитираме сите ние привлечени од нејзината љубов. „Сара, јас имам нешто работа сега. Те молам оди до кај тетка ти, ама врати се еден час пред зајдисонце, да се подготвиме за Шабат“ ми вели. Се обидувам да и кажам дека моето здолниште за Шабат, моите сакани шарени пеперутки не се веќе тука, но молчам. Денот изминува, а јас како да стареам со секоја измината минута. Плеќите ми натежнуваат, градите ме стегаат, едвај дишам. Зошто не и кажав на мама што сакам да сторам? Можеби ќе ме сфатеше. Но, таа толку многу се трудеше за тоа здолниште. Ја гледав како цел месец оставаше пари на страна. Потоа ги однесе кај најдобриот кројач, а по некоку дена дома го донесе врзопот хартија внимателно спакуван.

Знаев дека внатре во тој врзоп се крие моето ново здолниште, светкаво и убаво. Што ќе правам сега? Влегувам дома. „Ајде да ти помогнам да се облечеш“ ми вели. Не издржувам. Врели солзи ми се тркалаат по образите. „Знам“ ми вели и ми подава здолниште од розова басма. Нема шарени пепрутки кои летаат кон сонцето, но тоа е најубавото здолниште што некогаш сум го имала во животот.

„Требаше да ми кажеш“ се насмевнува и ме гали по образот. Мојата мајка. Голема колку целиот израелски народ кога се собрал за да го помине Црвеното Море. Сонцето се ближи кон својот залез. Мајка ми ги пали шабатните свеќи и целиот дом се осветлува. Лицето и е спокојно и светло додека ги кажува благословите. Седиме седи околу масата. Татко ми со гордост гледа во трепезата и во моето розово здолниште. Низ куќата се разлеваат звуците од Псалмите и Леха Доди. На другиот крај од улицата, 365 коцки калдрма, една година подалеку од нас, во една мала соба, под русите кадрици на мојата Ана, ноќта ја осветлуваа стотиците шарени пеперутки кои шушкаа под нејзините тенки прсти и една насмевка широка колку месечината.

*Текстот не е лекториран (и поделен е во параграфи за подобра читливост).

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!