Никола Дукоски за време на перформансот во Брисел, Белгија.

Разговор со Никола Дукоски, годинешен претставник на европското слем првенство

Никола Дукоски беше годинешниот претставник на европското слем првенство коешто се одржа во Брисел, Белгија месецов. Таму се натпреваруваше заедно со 19 други национални репрезентативци и репрезентативки од вкупно 20 европски земји. Никола е психолог и психотерапевт, а потоа слемер (поет сконцентриран на слем поезијата). Во нашиот разговор со него го прашавме различни прашања со цел читателите да дознаат повеќе за него. Прочитајте го во продолежние инспиративниот разговор.

Кој е Никола Дукоски? Ние знаеме, но ова е прашање чијшто одговор е наменет за оние кои можеби не се сретнале со твоето име и она што го правиш 😊

– Никола Дукоски е само човек кој се идентификува најмногу со моралните особини и вредности и со емпатијата, бидејќи единствено таа особина нè спојува (човечноста). Сè друго може да биде јаболко на раздор и стереотип, а човечноста ни прави да имаме разбирање и за сите видови и форми на живот, дури да ја разбереме и смртта и универзумот како најбесконечни, а најконечни и неизбежни.

Од кога почна да пишуваш, а кога почна посериозно да ѝ пристапиш на музиката?

– Пишувам и импровизирам од основно, но строго интимно, никогаш не сум споделил ништо. Периодот на карантин поради пандемијата ми даде можност да се изразам на на овој начин, па и преку прозни текстови. Со музика долго време одбивам да се занимавам иако од мал пеев по многу фестивали и имам настапувано на повеќе шоуа и аудиции, но тоа не прави секојдневно да живеам со музика и да се давам во нејзината убавина, па кога сакам да запрам и да запливам во реалноста.

Познато е дека луѓето повеќе сакаат да читаат проза наместо поезија. Ти се занимаваш со слем поезија која им е уште подалечна на луѓето во Македонија и помалку слушнале за овој вид поезија. Како би ја дефинирал слем поезијата, што претставува таа?

– Слем поезијата е зачинета поезија со перформанс во живо, тешка е за читателот да ја чита самостојно, бидејќи поетот ја носи преку целото негово битие, движење и глас.

Што претставува за тебе поезијата и кој/а е твојот/а омилен/а поет/поетеса?

– Поезијата за мене е изразно средство на чувствата и мислите посилно од говорот, метафора на постоењето и нефилтриран израз на личноста. Земна божественост. Прва инспирација ми е Рацин, Превер, Лермонтов, но често несвесно или свесно попримам од сегашните творци и пријатели писатели.

Дали сметаш дека слем поезијата треба да биде позастапена кај нас, кои чекори треба да се направат за таа да стане предмет на интерес на љубителите на поезијата?

– Секако дека сметам, бидејќи Слемот е емоционално празнење, богатење на духот и инфекција на духовност кога си во публика, сум осетил од двете страни и на сцена и во публика. Мислам дека ќе се направат настани во барови и локали кои ќе бидат како секојдневните свирки и журки.

Никола Дукоски за време на перформансот во Брисел, Белгија

Никола Дукоски за време на перформансот во Брисел, Белгија

Како помина на натпреварот во Брисел на европското слем првенство како наш претставник, раскажни ни накратко за тамошните импресии, што најмногу ти остави впечаток и со која мисла се врати од таму?

– Прекрасно искуство, целосна размена со сродни души живеени во различен контекст и под различни услови, но сепак се најдуваат во многу точки од сверата и атмосферата. Ми остави впечаток како секој од нас беше свој, различен, а ист и буквално тоа класичното дека сите луѓе се исти, колку и да го знаеме тоа мора да се потсетуваме и да се поврзуваме на ново и на ново.

Може ли психологијата да се вклопи во поезијата или обратно?

– Секако, психичките процеси и живот се целосно поврзани со поезијата и обратно.

Во што се разликуваат музиката, поезијата и психологијата, а кои се нивните сличности односно поврзаности?

– Се разликуваат по пристапот и изразот, во музиката се изразуваме со ноти и фрекфенции, во поезијата со рима и поетска слика, а во психологијата со артикулација на внатрешниот говор и емпатија. Спојката е во балансот и користењето на капацитетите најмногу од десната хемисфера, преведени преку левата хемисфера од мозокот.

По струка си психотерапевт, кажи ни зошто е важно луѓето да посетуваат психолог и да одат на сеанси кај одреден психотерапевт во денешно време?

– Да посетуваат за да се разберат себе си, така ќе им биде полесно живеењето, така ќе ги освестат многу од работите кои ги кочеле а ги ослонувале на нешто друго или некој друг, така ќе можат да разберат и некој друг, па ќе градиме подобро опшество и иднина за оние што доаѓаат.

Минатата година беше предизвикувачка за сите на многу полиња, во светски рамки. Познато е дека депресијата и појавата на останати ментални нарушувања се зголемува, каков е твојот став по ова прашање? Како се справуваа македонците во поглед на успешно надминување на кризата?

– Ох, стравувам дека последиците сега излегуваат, она што се таложело кога ќе помине делимично има најголем замав. Како кога ќе се опушти телото што го напаѓаат најмногу болести и настинки, а предходно било мобилно и стегнато од стресот за да издржи. Немам преглед како генерално се справуваме како ентитет, секој различно, но добро е дека бараат и психолошка/психотераписка помош.

На видеото погледнете го неговиот настап

Ти работиш и со деца, во таа насока, нè интересира и како дечињата реагираат на новонастанатите услови на живеење, што е најголем предизвик при работењето со нив?

– Децата повеќе прифаќаат од возрасните и се поадаптибилни, бидејќи многу помалку рационално дејствуваат, но тоа не значи дека на нив не афектира сè ова што се случува во макро светот и во микро световите, односно нивните семејства и други помали заедници. Најтешко е да се справиме со сè поголемите психосоматски реакции, стравови и нарушувања што во голема мера настануваат како заштита на единката. Сè она што не може да преведе мозокот, а му се случува на телото прави застој во функционирањето, ова е моја претстава и за хиперактивноста која е резултат од брзината на живеењето преголемиот број на сензации, информации и визуелни претстави.

Како ти лично се прилагодуваше во живот со пандемија и кои методи/техники ги употребуваш за релаксација и одмор од секојдневните обврски?

– И за мене пандемијата беше повлекување, во гнездо кое што се покажа плодно, пробав да се адаптирам најдобро што можам, возев точак, одев на планина, помалку работев, повеќе твоерев, бев многу физички активен и пред сè дишев. Секако дека и се грижев за цела планета за моите најблиски, само секогаш се прашував што можам јас да направам во однос на дадената ситуација. Така дававме со колегите бесплатни сесии и долги разговори со сите кои сме во можност да ги поткрепиме.

Никола Дукоски за време на перформансот во Брисел, Белгија

Никола Дукоски за време на перформансот во Брисел, Белгија

Кој е твојот лајтмотив?

– Животот е убав 😀

За крај на разговорот, твојата порака до читателите на Крајбрежје?

– Да читаат, да се надоградуваат, да се спознаваат, да не се плашат од себе си. Во нас има сè она што сме прибрале и што некој прибрал. Ние можеме да извадиме и да ставиме нешто друго или да прифатиме нема трето.

На Никола му благодариме за одвоеното време и му посакуваме успеси на приватно и прфесионално поле!

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!