Ако – Радјард Киплинг

Радјард Киплинг  (Бомбај, 30 декември 1865 – Лондон, 18 јануари 1936) е англиски писател. Роден е на денешен ден. Извонредно ја познаваше таинствена Индија и пишуваше книги за деца со тематика од живописниот свет и природата воопшто. Негови најпознати дела се „Вистински приказни“, „Книга за џунглата“, „Ким“ и „Храбрите капетани“. Во 1907 година ја доби Нобеловата награда за литература. Прочитајте ја неговата песна „Ако“ по која стана познат и која е родителски совет за неговиот син Џон.

Ако

Ако ладна глава чуваш кога другите сите

Губат своја и те винат тебе луто;

Ако веруваш во себе штом те сомничи секој,

Но да имаш пак слух и за сомнежот туѓ;

Ако можеш да чекаш без премор и прекор,

Ако лажат за тебе, да не лажеш ти,

Ил’, ако те мразат, ти да не мразиш

А да не изгледаш предобро, ни премудро да звучиш;

Ако можеш да сонуваш – но сон да не ти е власт;

Ако можеш да мислиш – но мисла да не ти е цел;

Ако можеш да се соочиш и со триумф и со пропаст

И со обата измамници да се понесеш ист;

Ако можеш да стрпиш да чуеш вистина што си рекол

Искривена од подлец да смами глупав в замка,

Или да го гледаш падот на сѐ што живот ти било,

Да се наведнеш и градиш пак со изабена рамка;

Ако можеш сѐ што си стекнал да ставиш на куп

И на ризик на едно фрлање на зар,

Да загубиш сѐ, но потем нов да почнеш пак,

А да не речеш ниту збор за загубата на друг;

Ако можеш да стегнеш срце, нерв и жила

Да ти служат долго откако сотрени се,

И така да издржиш кога ништо веќе немаш

Освен Волја која вели: „Крени се“;

Ако можеш да скротиш толпа, а да сочуваш доблест,

Ил’ да одиш со крал – без да губиш дух прост;

Ако ниту душман ниту мил другар те болат;

Ако секој смета на тебе, но никој до крај;

Ако можеш да исполниш безмилосна минута

Со шеесет мига вредни долг пат минат –

Твоја е Земјата и сѐ што таа има,

И – побитно – ќе бидеш Човек, сине!

Превод: Д-р Ана Пејчинова

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели