Разговор со Симона Николова: „Треба да им се даде повеќе шанса на македонските автори“

На Симона Николова ѝ благодариме што секогаш нè има на ум при соопштување на нејзините новитети во полето на творештвото. По тој повод повторно разговаравме празнично, а еве кои одговори ни ги даде младата авторка.

Симона, со тебе имавме можност да поразговараме во повеќе наврати, а поводот беше излегувањето од печат на твоите книги. Што е најново на тоа поле, дали се подготвува некое ново дело?

– Пред сè, здраво на сите и благодарам за ова интервју, Нате. Всушност благодарам за сите интервјуа до сега. Првата моја книга за оваа година ќе биде хоророт ВОЗОТ НА СМРТТА која ќе излезе до крајот на месецов. Се надевам ќе им се допадне оваа морничавна и страшна приказна за познатиот воз од 1940-тата година и неговиот мистериозен сопственик. Подготвувам и друга книга, уште една хорор приказна со наслов ГНЕВОТ која ќе се повторува иако гревот ќе биде друг. Сепак, овие две приказни се помешани.

Потоа, подготвувам и всушност втора книга за оваа 2022-ра година со наслов КОЈА СУМ ЈАС?, љубовна приказна за две девојки наводно хетеросексулци кои со тек на времето преку нивната блискост ќе ја откријат нивната хомосексулност. Се надевам дека тука кај нас нема да ја дискриминираат таа книга. Секако сите мои нови книги ќе одат на платаформата на Амазон, англиски верзии, се разбира.

Каков е досегашниот прием на книгите кај читателската публика?

– Искрено ни лошо ни супер. Просто добро. Имам дури и обожаватели кои се воодушевени од моите приказни и им се допаѓа мојот стил на пишување како што имам кажано во други наврати. Сепак, како почетник сè уште јас сум задоволна.

Дали би можела да издвоиш неколку причини зошто читателите треба да ја прочитаат трилогијата што ти ја напиша?

– Секоја книга од триологија, секоја приказна има своја поука и во секоја приказна има убави пораки. Ќе издвојам по една причина зошто треба да се прочита мојата триологија… првата книга – БУРА ОД ЕМОЦИИ: ДНЕВНИКОТ НА АНА ФОСТЕР – не е свесен човек колку може да му се промени животот со една погрешна одлука, втората книга – ПО ВИНА НА СУДБИНАТА – љубовта е непредвидена и колку е важна искреноста, а колку лагата, третата книгата – ВОЈНА ОД ПРЕДАВСТВА – не секогаш се прави предавство од злоба или завид, понекогаш и љубовта те принудува на тој чин.

Што го прави едно дело привлечно за читателите, а што квалитетно и дали привлечно е исто со квалитетно?

– Според мене и како читател и како писател тоа што е привлечно кај една приказна е самиот почетокот на приказната, а квалитетно е како е скоцкана таа приказна и сепак важен е начинот на кој е напишана. Ако не е добро и квалитетно напишано, не би ги привлекло читатели.

 Што ѝ недостига на македонската читателска “култура“, дали постои нешто коешто може да се промени, според тебе?

– Не можам да дадам конкретен одговор на ова прашање. Секој читател си има свој вкус. Но сепак ќе кажам според мене, секако дека треба да се даде повеќе шанса да бидеме читани ние македонските автори.

Како си ги поминуваш Новогодишните празници и која желба посакуваш да ти стане реалност, а сакаш да ја споделиш со останатите?

– Одлично ги поминувам, секако во фамилија покрај блиските и моите сакани. Мојата најголема желба се разбира е да оздравам. Повторно да застанам на нозе. Шансите се големи за да ми се исполни таа желба бидејќи првиот лек за оваа тешка и ретка болест е готов и освен тоа, научниците гарантираат дека 89% телото ќе се врати во нормалност. Тоа е генијално. И не велам дека немам и други желби, туку не ми се толку важни. Здравјето ми е приоритет.

Дали постои некој цитат што ти оставил силен впечаток, а би сакала да го споделиш со нас?

– ГО САКАМ ТОА ШТО ГО ПРАВАМ ЗАТОА ШТО ГО ОДРАЗУВА ТОА ШТО СУМ ЈАС е лично мој цитат и го обожувам. Исто така ги сакам личните цитати на мојот омилен пеач и многу ме мотивираат. Тој секогаш вели: “Верувај со себе и во твоите соништа, живеат во тебе поради некоја голема причина, имаат цел. Сонувај на големо, дури и со отворени очи.”

Која книга би требало секој да ја прочита барем еднаш, и би ја препорачала?

– Јас би им ги препорачала сите овие книги за самодоверба. Довербата во себе е многу важна, а и љубовта кон себе исто така. Посебно ја препорачувам МОЌТА НА ПОТСВЕСТА.

Ако некоја книга ти оставила лош впечаток, како ја оценуваш?

– Не сакам да нагласам за која книга точно станува збор зошто би било многу глупаво од моја страна како писател, но и како читател. Од 1 до 5, би ја оценила со 2. Стил на пишување добар, но приказна многу лоша. Дефинитивно катастрофа.

Корицата привлекува, а содржината задржува, дали се согласуваш со оваа мисла и колку ти е важна корицата при избор на нова книга за купување?

– Немам контретен одговор. Лично мене не ми е важна корицата, но сепак таа го залажува окото на еден купувач. Содржината е центарот. Како што имам кажано и предходно, приказната ми е најважно.

Топ 3 книги кои ги препорачуваш за читање без оглед на нивниот жанр?

– 1. ПАТНИК 23, 2. ТЕРАПИЈА, 3. СИТЕ ТВОИ СОВРШЕНОСТИ

Твојата порака до читателите на Крајбрежје?

– Крајбрежје е одличен блог. Често им читам објави. Лично за мене, многу сум им благодарна за можноста да се зближам со моите читатели и следечи на мојата официјална страна Simona Nikolova – Writer & Screenwriter.

На Симона уште еднаш ѝ посакуваме среќни новогодишни празници, многу здравје, среќа, љубов, задоволни читаетли и успеси на сите полиња!

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели