Дали чекаш, Јано, утро мое рано,
дали чекаш уште в село да се вратам,
да разврзам ситно на тамбура песна –
или чекаш, Јано, прстен да ти пратам?
Три години, Јано, јас по гори шетам,
в Караорман буен со мојата чета,
три години пушка малихерка носам,
ми поцрне лице, ми побеле коса,
три летници трески јас преболев тешки
и в заседа капев и в мисли те гледав –
со момите наши тутун како редиш.
В изворите барав очи – живи жарој,
в пролетниот облак лице твое бело,
и за тебе прашав и пак не те најдов,
ти чекаше момче во малото село.
Не ме чекај, злато, ни мене ни сватој,
нема, душо, свадба в поробена земја,
нема песна таму мајки кај што плачат,
не грејнува зора ноќ кај тежи темна,
не се смеат очи крвник што ги вади,
нема, Јано, љубов в село кое чади.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.