Skip to content

Вера, надеж, љубов – Снежана Паноска

  • by

Во очите океани од таги кријам,
да не видиш дека боли, сакам да го сокријам
копнежот голем што душа ми рие
ко’ црв голем в’ земја што гние.

Ќе помине велиш и оваа тага,
не токми ги веќе како на вага
зборовите тешки, пушти си душа
нека те води срцето што слуша.

Зборови мали, премолчени грешки,
некажани лаги, на душата тешки,
ми шумат во глава, ме полнат со тага.

Празниците, безброј ќе дојдат и пројдат,
молчешкум старост на врата ми чука,
ете празници штом дојдат и ќе си заминат.

Ете празници штом дојдат и ќе си заминат,
ќе самувам везден, како и секогаш,
моите зборови не се слушаат, како вода ќе поминат,
само горлчиви спомени во душа ми останаа.

Ќе молчам, ќе молчам, во душа ќе собирам,
и сé мислам везден како да те пуштам,
кога на сон тивко ми доаѓаш,
како летно ветре нежно ме прегрнуваш.

Те чував, те чував, ко’ вода на дланка,
са’ ноќ здивот тивок ти го слушав во осама тешка,
дури месечината ѕвездите од ноќта си ги зема.

Не сакав да те пуштам да си одиш,
ама морав, наречниците така одредиле,
раката твоја ја држев, ама ти ја испушташ.

Раката твоја ја држев, ама ти ја испушташ,
како што ја испушти и јас те изгубив,
како сончеви лаци, зад облак штом ќе се искршат,
како ситно париче во тревата што го загубив.

Ти порасна часкум, ко‘ вода што брза,
сакаше да вкусиш, да видиш многу нешта,
душата твоја ти бараше слобода,
како младо орле во висини ми одлета.

Јас чекав, те чекав само глас да ти слушнам,
испраќаше слики од чудесни земји,
се фалеше чинам, горд со себе беше, не тагувај – рече.

Одлета уште не пораснат, ми замина
кон нови светови, невидени чуда,
а морам да се тешам, со судбата да се помирам.

А, морам да се тешам, со судбата да се помирам,
така било пишано, кога од себе те откинав
те пораснав, те учев човек да бидеш, посакував,
пред ниедна пречка да не застануваш, сонот да го остваруваш.

Сакав да наберам букет од црвени и бели рози
да ги насликам со црвени и бели бои,
сјајот на сончевината да ти го подарам,
пред татковиот праг да те прегрнувам.

Замина, те дочекував и испраќав,
со солзи во очи секогаш те пречекував,
се молев на Бога за твоето здравје и сила.

Пред неправда, никогаш да не потклекнуваш
праведен секогаш и со секого да бидеш,
надеж имав силна, соништата да си ги исполнуваш.

Надеж имав силна, соништата да си ги исполнуваш,
светот го прошета, ама копнежот во срцето го чуваш,
по мориња далечни, широчини бескрајни,
планини високи, земји непознати.

Светот го прошета, назад не се заврти, ама нѐ заборави,
штом огниште свое ново си направи,
дечиња се родија, се радувавте, како јас со тебе,
ги чував и сакав, од душата моја, двете.

Ги растеше, галеше, милуваше,
а во сонот далечини сонуваше,
мирисот на солта те будеше.

Песната на делфините те успиваше,
судбината своите раце ги сплете,
ама ти замина прв, одлета, а и твоите пилци по тебе.

Ама ти замина прв, одлета, а и твоите пилци по тебе,
само на сон ми доаѓате, катаден ве споменувам,
во прегратки мои сакам заедно да ве пречекам,
родендени, имендени заедно да славиме.

Сонувам дење, ноќе ѕвезди бројам,
зимата, во пролет ја преточувам,
сонувам солзи ми бришеш, ме утешуваш
раце ми држиш, нежно ме бакнуваш.

Ќе помине – велиш и оваа тага,
штом лето ќе дојде, јас пак ќе си дојдам,
не токми ги деновите како на вага.

Заедно – велиш, со нив нов дом ќе градам,
тие се твои колку и мои, а јас се надевам
ден да ме раздени, среќата пак знам ќе ме огрее.

Ден да ме раздени, среќата пак знам ќе ме огрее,
ангели мои, од душата на мојата душа излезени.
ве држев, ве растев, како вода на дланка,
приспивни песни ви пеев и Бога го молев ко’ мајка.

За вас јас творев, за вас спомени срцето остава,
некогаш, некаде кога ќе имате ваши дечиња ,
да паметите, да разговарате и споменувате,
за детството, езерото и убавините да прикажувате.

Езерските далги кога ве милуваа,
над Галичица залезот во очите ви се огледуваше,
галебите во својот лет ве поздравуваа.

Солзи родосници од очи штом ќе ми избришете,
јас песна ќе пеам до вишна Баба да се слушне,
еден ден, можеби ова лето пак ќе ми дојдете.

Еден ден, можеби оваа лето пак ќе ми дојдете,
раце ќе подадете, во прегратка ќе ми долетате,
срце во гради ќе смирам, ќе запеам
нова песна од душа, лице ќе насмеам.

Знам ми се кратат годините мои,
на прсти ги бројам среќните мигови,
се почесто навасуваат болестите,
кротко без радост се пластат миговите.

Среќа ли е да ве гледам кога ќе можете?
Блискоста ја заменивте со далечина
ја заменивте родината, со нова татковина.

Во туѓа земја сега растете,
на туѓ јазик ми зборувате,
желбата ме крепи, срце во гради ми чука.

Желбата ме крепи, срце во гради ми чука,
надеж јас имам, надежта ми крепи душа,
еден ден јас пак да ве видам сакам,
со радоста ваша срце и душа да искапам.

Со радоста ваша повторно да се радувам,
како мало дете на играчка нова,
во новиот град, рози да насадам од стара градина
рози да никнат, цветови мирисни во нова татковина.

Ќе ги донесам, ветувам, нежно ви зборувам,
не знам како, ама ќе се обидам,
спомен да имате, да се радувате.

Штом првите пупки ќе се раззеленеат,
во сите бои цветовите ќе се нарисаат,
љубовта кон вас ме топли и грее.

Љубовта кон вас ме топли и грее,
како златно жито пелагониско што зрее,
зимата ќе наведне глава пред пролетта,
лето ќе намине, во вашите души ќе прошета.

Копнежот далечен ќе се растопи,
како чоколаден сладолед на вашите усни,
мојата душа кон вас ќе се источи,
сонцето жолтозлатно ќе раскаже песни недобројни.

Езерото пак вас ќе ве дочека,
со своите далги ќе ве искапи,
косите, душите детски ќе ви ги разлади.

Песни, игри, со деца другарувања,
другарства искрени, повторно ќе се обноват,
убавини и спомени во душа ќе се раздиплат.

Убавини и спомени во душа ќе се раздиплат,
штом сонот детски ќе ве покрие,
чинам душа од радост ќе ми полета,
кон небесни височини ќе се разлета.

Јас со вас ќе растам, ќе бидам млада,
немојте, никој да не ме вика баба,
јас дете сум, со вас ќе се радувам,
со вашите прегратки ќе заспивам.

Нови песнички ќе напишам,
за Јована, Вероника и Стефанија,
со Јана и малиот Јован заедно ќе сонувам.

Ќе сонуваме, прикажуваме, трчаме,
со далгите ќе се натпреваруваме,
Боже, милно те молам за здравје и сила.

Боже, милно те молам за здравје и сила,
староста да не ми носи мака,
да им се радувам, срцето бескрајно да ги сака,
детската радост да ми биде мила.

Кога ќе дојдат , ќе им помогнам,
јазикот и коренот да не го забораваат,
свои на своето да останат,
нивните очи да ме запаметат.

Ќе им раскажувам приказни за Итар Пејо,
за Охрид и Самуиловата тврдина,
за првото писмо и Климента.

Ќе им го напишам родословот,
кој од каде потекнува,
оваа лето штом дојдат, штом срце ќе ми наполнат.

Оваа лето штом дојдат, штом срце ќе ми наполнат,
ќе создаваме спомени, ќе ги паметиме,
ливадите, планините, полињата,
езерото, ридовите и рибарите со кајчињата.

Мојата љубов да ја сочувате, ветувајте,
секогаш во душите деца да останете,
како што сака срцето на детето,
како во празна тетратка запишува, верувајте.

Верувам дека така и ќе остане,
кога нас ќе не нема да ве пречекуваме,
ама вие сепак ќе знаете.

Колкава љубов во срцата имавме,
колку ве сакавме и гушкавме,
вашите прегратки, срцата како сонце ни ги грееја.

Вашите прегратки, срцата како сонце ни ги грееја,
и сите маки ги заборававме,
сите далечини ги бришевме,
и само убави спомени остававме

Ќе дојдам, ветувам, чекајте ме,
кога ќе заврши оваа пролет и лето,
ќе ви ги бакнувам топло рацете,
ќе ви ги галам меко косите.

Сите големи далечини, солзи пролеани,
како океан голем ќе пресушат,
во моите прегратки штом љубовта ваша ќе ја сетам.

И сите заеднички денови поминати,
и сите големи патишта одминати,
во ѕуницата по дождот, како плетенка ќе ја сплетам.

Магистрал

Во очите океани од таги кријам,

Ете празници штом дојдат и сѐ ќе замине,

Раката твоја  ја држев, ама ти ја испушташ,

Ама, морам да се тешам, со судбата да се помирам,

Надеж имав силна, соништата да си ги исполнуваш,

А ти замина прв, одлета, а и твоите пилци по тебе,

Ден да ме раздени, среќата пак ќе ме огрее,

Еден ден, можеби оваа лето пак да ми дојдете,

Желбата ме крепи, срце во гради ми чука,

Љубовта кон вас ме топли и грее,

Убавини и спомен во душа ќе се диплат,

Боже те молам за здравје и сила,

Оваа лето штом дојдат, штом срце ќе ми наполнат,

Вашите прегратки, срцата како сонце ни ги грееја.

Снежана Паноска

Напишете коментар