Skip to content

Ги де Мопасан – Прошетка

Анри Рене Албер Ги де Мопасан ( Турвил-сир-Арк, 5 август 1850 – Париз, 6 јули 1893) — француски писател, претставник на реализмот и натурализмот. Мопасан за првпат го привлекува вниманието на книжевната публика и критика во 1880 година, кога го објавил своето прво ремек-дело, новелата „Топка маст“ (Boule de suif).

Во 1881 година ја објавил првата книга раскази под наслов „Домот на Тељеови“ (La maison Tellier), која во само две години достигнала 12 изданија. Во 1883 година го завршил својот прв роман „Живот“ (Une vie), кој за помалку од година дена се продал во 25.000 примероци. Во своите романи, Мопасан подетално ги разработува заплетите од своите раскази. Неговиот втор роман, „Бел-Ами“ (Bel-Ami), издаден во 1885 година, достигнал 37 изданија за само четири месеци.

Неговата поезија останува да биде во сенка на неговата проза.

Прошетка

Девојката скина цвет, и без врева

потоа легнавме на постела од трева,

пред нас се креваше рид облеан со сјај,

а девојката рече: „О, гледај, каков раскошен крај,

ридот е стрмен, а тревата е бледа…“

Но, јас само неа пред себе ја гледав.

Таа запеа, со копнежлив и страсен глас,

и навлеговме во шумата истиот час,

на патот се испречи лисник свиснат

и го кревав над неа како чадор лиснат:

нејзиното чело беше овенчано со чуден чар,

а на усните насмевка во љубовен жар.

Стоевме ние како нешто да не плаши,

ја гледавме росната трева и рацете наши.

Сиот крај беше сонлив и мрачен,

таа кон мене го крена погледот зрачен,

и нашите вжарени очи во вечерната штама

претскажуваа смело и без да се срамат

колку жешки копнежи срцата ни кријат,

Сал нашите усти не смееја да откријат.

Превод: Паскал Гилевски

 

Прочитајте повеќе за Ги де Мопасан – мајстор на краткиот расказ.

Напишете коментар