Не можев да се откажам од тебе.
Не можев да престанам да те мислам.
Не можев да те заменам.
Не сакав да те заменам.
И злато да ми фрлаа пред нозе.
И бели охридски бисери.
Јас врз нив ќе згазев
за кај тебе да дојдам.
Знаеш, нема некоја убавина во скапоцениот накит,
ниту во скапите подариците,
ниту во далечните дестинации,
ако таму не шеташ со човекот
што ти се шета низ мислите,
што ти се распослал во срцето,
што не ти излегува од главата.
Од подароци,
мене најдраг подарок ми е насмевката твоја.
Идиоту, да знаеш само колку си убав ко ќе се смееш.
Од прошетки,
најпријатни ми се оние со тебе
во кои ти ја стегам дланката низ уличките во чаршијата.
Од накит,
омилени ми се усните твои на моите усни,
по мојот врат,
на градите,
на стомакот,
на бедрата.
Никогаш не престанувај да ме китиш.
Јас секогаш ќе те изберам само тебе.
И во овој и во сите наредни животи.
Оти само со тебе го имам она пријатно чувство
на недела наутро.
Само ти ми мирисаш на дома.
Само ти не дозволуваш да згаснам.
Затоа избирам да горам. До тебе.
Фото: Прилеп Стари Фотографии
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.